Под мотото „Јас не можам да чекам“, денеска се одбележува Светскиот ден на хепатитис

Скопје, 28. јули 2022 (ИНПРЕС) – „Јас не можам да чекам“ е мотото под кое денес се одбележува 28 -ми јули, Светскиот ден на хепатитис.

Целта е да се нагласи потребата од засилување на борбата против вирусниот хепатитис и важноста од навремено тестирање и лекување, бидејќи тој е најголем ризик фактор за појава на карцином на црниот дроб.

Одбележувањето на овој ден дава гласност на оние кои се погодени од вирусен хепатитис, повикувајќи на итна акција и крај на стигмата и дискриминацијата, истакнуваат од здружението „Хепар Центар Битола“. Оттаму објаснуваат дека болестите на црниот дроб се високо на агендата на здравствените институции во нашата земја, но потребно е повеќе да се посвети внимание на обезбедување на континуитет во лекувањето и воведување на нови терапии и дијагностични процедури.

Статистиката покажува дека речиси 3.000 луѓе умираат од хепатитис Б и Ц секој ден, а на секои 30 секунди еден човек го губи животот. Навременото тестирање и лекување на хепатитис Б, Ц и Д може да спаси живот, а ако хепатитисот не се лекува може да доведе до рак на црниот дроб. Загрижувачки е и податокот дека 90 отсто од луѓето кои живеат со вирусен хепатитис не се свесни дека го имаат, затоа е важно можностите за тестирање на хепатитис да бидат подостапни за повеќе луѓе за да може навремено да се тестираат и лекуваат.

Во наредниот период фокусот на активности треба да се стави на елиминација на хепатитис Ц, имунизација и како и ставање на Позитивната листа на современи лекови за третман на хепатитис Б. Исто така треба да се подобри и да има континуитет во набавката на иновативни лекови и воведување на современа дијагностика кои се веќе одобрени во земјите на Европа и САД, соопштуваат од „Хепар Центар Битола“.

Хепатитисот е воспаление на црниот дроб. Постојат пет главни типови на вирус на хепатитис – А, Б, Ц, Д и Е. Хепатитисот Б и Ц доведуваат до хронични заболувања кај стотици милиони луѓе на глобално ниво, а заедно се најчеста причина за цироза на црниот дроб, рак на црниот дроб и смртни случаи поврзани со вирусен хепатитис.

Можно е да е слика од 1 лице и текст кој вели „I CAN'T WAIT TO GET TESTED I know that hepatitis is the leading cause of liver cancer. Getting tested is the best way to protect myself. Don't wait. Get tested.“

Од 2019 година, околу 116 милиони луѓе во Западниот Пацифик живеат со хепатитис Б и 10 милиони со хепатитис Ц. Луѓето остануваат недијагностицирани и нетретирани. Во Западниот Пацифик, само 18% од луѓето кои живеат со хепатитис Б биле дијагностицирани, а 5% добиле третман. За хепатитис Ц, 25% од луѓето се дијагностицирани, а 10% добиле третман.

Овогодинешната тема, „Bringing hepatitis care, closer to you”, има за цел да ја подигне свеста за потребата да се поедностави и да се донесе грижата за хепатитис во примарните здравствени установи, во местата во заедницата и локации надвор од болничките локации, така што грижата е поблиску до заедниците и луѓето каде и да се тие. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива