Привршува пријавувањето за студентски кревет, во домот во Охрид има слободни 242 легла

Привршува пријавувањето за студентски кревет, во домот во Охрид има слободни 242 легла

Охрид, 3. август 2022 (ОХРИДПРЕС) – До 5-ти август трае електронското пријавување за сместување во државните и приватните студентски домови, за студенти од втора до шеста студиска година и апсолвенти.

Согласно Конкурсот во охридскиот студентски дом „Никола Карев“ на располагање се 242 легла, од кои 48 за бруцоши и 194 за студенти од втора до четврта година.

На државно ниво има вкупно 4.834 легла за студентите на додипломски студии, од кои 1.165 се за бруцоши, останатите за студентите од другите студиски години и апсолвенти.

Право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, а кои се запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година; осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години.Право на прием во државните студентски домови имаат и редовни студенти кои се запишани на јавните универзитети и високообразовни установи во Македонија, а се избрани со конкурси, одлуки, решенија, договори и сл. и тоа: владини стипендисти-студенти со македонско потекло, студенти од странство кои студираат на универзитетите и високообразовните установи во Македонија, студенти согласно програмата ЦЕЕПУС, студенти според билатерални договори и слично.

– Студентите што се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет-страницата http://e-uslugi.mon.gov.mk. Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом. Рокот за пријавување на студентите од II година и повисоките години трае до 5.8.2022 година. Рокот за пријавување на студентите од I година почнува од 5.9.2022 година и трае до 16.9.2022 година. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавување ќе продолжи до пополнување на истите, но најдоцна до 15.11.2022 година, се наведува во конкурсот.

Конечниот список за прием на студентите од II година и повисоките години ќе се објави на 5-ти септември, додека за студенти од I година на 30-ти септември на огласните табли во студентските домови каде што конкурирал студентот и на страницата на Министерството. Приговори по резултатите се доставуваат електронски на е-адресата: studentski.smestuvanja@mon.gov.mk во рок од 5 дена од денот на објавувањето на резултатите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес