Охриѓани заинтересирани за примање четврта доза вакцина против Covid-19

Охрид, 5. август 2022 (ИНПРЕС) – Растот на бројките на ковид позитивни случаи го зголеми и интересот кај охриѓани за примање четврта бустер доза вакцина.

Се забележува раздвижување на пунктот за вакцинација во Здравствениот дом, интересот е поголем од ден на ден, вели за Супер радио и InPress д-р Соња Мариноска, раководител на Службата за превентива.

– Во овој период поголема е заинтересираноста за примање четврта, отколку за трета доза. Знаете, трета доза ја даваме веќе подолго време, од септември наваму имаме доста голем број лица вакцинирани со трета доза. Во однос на примање четврта бустер доза се јавуваат претежно повозрасни лица, оние кои се со хроночни заболувања, а има и помлади кои им служат за патување, потенцира д-р. Мариноска.

Таа додава дека покрај охриѓани, за примање четврта доза им се излегува во пресрет и на граѓаните од други градови, кои во Охрид престојуваат на одмор или пак на странските гости кои имаат регулиран привремен престој во нашата земја и тие може да примаат бустер доза.

Вакцинирањето е достапно без закажување термин, во пунктот во охридскиот Здравствен дом. Чевртата доза можат да ја примат сите граѓани над 18-годишна возраст кои примиле три дози вакцина против Сovid-19, а имунизацијата се прави со мРНА вакцина на „Фајзер“ или „Модерна“. Препорачаното растојание меѓу трета и четврта, односно бустер доза, да е најмалку четири месеци.

Охрид периодов секојдневно е во ковид извештајот со регистрирани новозаболени од Сovid-19. Според последните податоци беа регистрирани 30 нови случаи, 27 оздравени и еден починат пациент. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес