Од 19-ти до 21-ви август Поетска ноќ во Велестово

Од 19-ти до 21-ви август Поетска ноќ во Велестово

Охрид, 11. август 2022 (ИНПРЕС) – Од 19-ти до 21-ви август, на неколку локации во селото Велестово и во Охрид, ќе се одржи 34-то издание на Поетската ноќ во Велестово.

Во програмата се предвидени три поетски читања на кои ќе учествуваат десетина поети од земјава и од странство, ќе биде отворена ликовна изложба, а ќе има и работилница за креативно пишување и иновативно интерпретирање поезија наменета за млади од регионот, како и дебати за важноста на книжевниот превод и за улогата на пејзажот во книжевноста, односно, за подигање на свеста за екологијата.

Официјално, програмата ќе започне во петок, на 19 август, од 21:00 часот, традиционално во Велестово на сретсело, со поетскиот портрет на македонската поетеса Лидија Димковска. За нејзиното поетско творештво ќе беседи Сашо Огненовски, а специјални гости и годинава ќе бидат семинаристите што ја посетуваат 55-та Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ.


Истата вечер од 22:00 часот, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во селото ќе биде отворена ликовната изложба на Никола Пијанманов ‒ „Плачот на Адам“.

Програмата продолжува на 20-ти август со проектот „OH READ ‒ Поетски викенд и работилница за млади од регионот“, од 11:00 часот во просториите на „Касарна ХАБ“ во Охрид, за кога е предвидена работилницата за креативно пишување и иновативно интерпретирање поезија наменета за учениците од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ и за други заинтересирани млади од регионот. Искуствата ќе ги споделат поетите од проектот OH READ: Селахатин Јолгиден (Турција), Мањола Наси (Албанија), Валентина Бакти (Србија), Диме Данов (Македонија) и Јулијана Величковска (Македонија).
Истиот ден, од 18:00 часот во кафе и бар „Шила“ ќе се одржи и интернационалното поетско читање на кое ќе настапат споменатите поети од проектот OH READ, но и другите поети учесници на фестивалот: Ким Симонсен (Фарски Острови), Лидија Димковска (Македонија), Алеш Мустар (Словенија), Ана Голејшка Џикова (Македонија) и Зоран Јакимоски (Македонија). Во рамки на читањето предвидена е и една куса дебата за значењето на книжевните преводи.

Фестивалот ќе заврши в недела, на 21-ви август, со уште едно интернационално поетско читање „Поезија ‒ Залез“ што ќе се одржи во природа, на локација во селото Велестово што се наоѓа во националниот парк „Галичица“, на кое ќе настапат сите поети учесници на фестивалот, а ќе се дебатира и за улогата на пејзажот во книжевноста, во насока на подигнување на свеста за екологијата. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива