Тодоровска: Кој има можност, нека дојде во Охрид, да го проследи фестивалот „Охрид-фест 2022“ на Долни Сарај

Тодоровска: Кој има можност, нека дојде во Охрид, да го проследи фестивалот „Охрид-фест 2022“ на Долни Сарај

Охрид, 24. август 2022 (ИНПРЕС) – На 2-ри и 3-ти септември ќе се слави песната, на 29-то издание на интернационалниот музички фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“.

Љубителите на различните музички жанрови две вечери ќе уживаат на најубавата сцена на Балканот, Долни Сарај. Ќе продефилираат добро познати имиња, како Наум Петрески, Благоја Грујовски, Благица Павловска, Петар Нечовски од фолк сцената, Кики Лесендриќ, Срѓан Марјановиќ, Владо Калембер, Златко Пејаковиќ од поп музиката, но и дебитанти.

За тоа како течат подготовките и што сé публиката ќе може да погледне на сцената Долни сарај, одговори побаравме од Вања Тодоровска, PR на „Охрид фест“.

Супер радио: Како течат подготовките за годинашното издание на Охрид фест?

Тодоровска: Како секоја година, нецели десетина дена пред фестивалот, се работи под полна пареа, се вршат последните подготовки со тимот на „Охрид фест“ кој е распореден на неколку „стратешки“ позиции… По општо познатата состојба со пандемијата, и минатогодишната трагедија во Тетово, кога во една ноќ се снимаше фолк и интернационалната вечер, сега се враќаме на стариот познат концепт и формат: две фестивалски вечери на 2-ри и 3-ти септември, многу добра музика, гости, новинари..

Нема достапен опис

Супер радио: Веќе објавивте и дел од имињата на учесниците. Дали ќе има уште некое изненадување, изведувач што ќе го видиме на сцената?

Тодоровска: „Охрид фест“ за некој ден ќе го има своето 29-то издание а низ тој период создал традииции: награди за промоција на музика на Балканот, што годинава им припадна на Гарабет Гаро Тавитјан и Мирослав Илиќ. Потоа, водителите- Каролина Петковска во фолк вечер, а Маријана Станојковска и Васил Зафирчев во интернационалната вечер, што станаа заштитни знаци на истите.
Во однос на изведувачи, ќе имаме квалитетни песни со настап на фолк елитата: Наум Петрески, Зуица Лазова, Катерина Танева, Благица Павловска, Петар Нечовски, Стојне Николова, Благоја Грујовски, „Академци“… Во интернационалната вечер ќе има многу изненадувања, како што веќе објавувавме- ќе настапат добро познати имиња од екс- ју сцена и секако, дебитанти.

Нема достапен опис

Супер радио: Да, овој наш фестивалски бренд ги поддржува и промовира младите и талентирани момци и девојки. Кој ќе настапи годинава?

Тодоровска: Така е со години, „Охрид фест“ ги подржува младите, им дава шанса да настапат на истата сцена со докажаните имиња од Балканот. Овој пат шансата ја имаат: Андреа, која и покрај неколкугодишно музичко искуство за првпат е на „Охрид фест“, па Никола Зацески, Марија Цветановска, Мила Николовска и Бојана Арсовска. Како што се сеќавате, на истата сцена на Долни Сарај запеа и Тоше, во 1998 година со најлирската „Усни на усни“ и потоа кариерата едноставно му блесна…

Супер радио: „Охрид фест – Охридски трубадури“ освен во Македонија го следат и гледачи од надвор. На кој канал ќе може да го гледаат фестивалот гледачите во земјава и кои сé странски телевизии ќе вршат пренос?

Тодоровска: Националниот сервис, МТВ, ќе врши пренос на 2-ри и 3-ти септември, од фолк и интернационалната вечер. Инаку, со години владее голем интерес за овој наш интернационален фестивал, кој го пренесуваат над десетина телевизии од Балканот. Но сепак, кој има можност, нека дојде во Охрид, на лице место од најубавата сцена на Балканот, од Долни Сарај, да го проследи „Охрид-фест“. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива