Охрид, 5. септември 2022 (ИНПРЕС) – Охридските матични лекари и овојпат дадоа поддршка и се приклучени на најавениот тридневен протест.
Управниот одбор на ЗПЛРМ на 27-ми август донесе одлука на 5-ти, 6-ти и 7-ми септември да се одржи протест на работно место поради, како што наведуваат во објавата на веб страницата на Здружението, неприфаќање на стратешките барања од здравствените власти. Најавија дека во овие денови нема да се издаваат упати и рецепти, а ќе се примаат само итните случаи.
Претседателот на приватните матични лекари од Охрид д-р Љупчо Костески за Супер радио и InPress информира дека сепак, имајќи ја предвид природата на работата, пациентите ќе бидат обезбедени.
– Пациентите се обезбедени и ќе бидат обезбедни од наша страна во сите можни ситуации, тие нѝ се приоритет, најважна обврска, водиме сметка за нив.Веќе е дадена хронична терапија сé е во ред. Еве утринава имавме итни случаи, луѓето добија соодветна здравствена помош и совети и тоа ќе се случува и наредните денови, пациентите ќе бидат максимално обезбедени, потенцира д-р. Костески.
Од Здружениеот на приватни матични лекари бараат покрај зголемување на капитацискиот бод, и електронско здравство, бришење на дестимулативната скала, зголемување на буџетите за специјалисти и лаборатории и за рурални амбуланти, да не се затвораат ординации на лекари кои сакаат да продолжат да работат над 64 години итн.
Ресорниот министер Беким Сали минатата недела изјави дека незадоволствата кои постојат меѓу матичните лекари треба да се решаваат на маса и со конкретни предлози кои ќе бидат разгледани и дискутирани, а не преку бојкот на работата. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива