Во сабота ќе се одржи Охридскиот пливачки маратон, а ќе има и бројни пропратни содржини

Во сабота ќе се одржи Охридскиот пливачки маратон, а ќе има и бројни пропратни содржини

Охрид, 6. септември 2022 (ИНПРЕС) – 35-то издание на традиционалниот Охридски пливачки маратон ќе се одржи в сабота, на 10-ти септември.

По неизвесноста околу неговото одржување годинава, сепак на патеката „Климе Савин“ од Св. Наум до Охрид, во должина од 25 километри, ќе пливаат осум натпреварувачи во машка и женска конкуренција, од пет земји. Покрај трката ќе има и допоплнителни содржини, во насока на збогатување на понудата и враќање на изгубениот сјај на маратонот, рече Ристе Јанкоски, претседател на организациониот одбор на маратонот.

– Организатор на маратонот е општина Охрид и Агенцијата за млади и спорт, а технички организатор е клубот за спортови на вода „Охридски бранови 2008“. Во четврток на плоштадот „Табана“, кај Долна порта ќе има презентација на пливачите, ќе има изложба на стари фотографии и проекција на документарен филм „Охридски пливачки легенди“. Овие содржини во петок ќе може да ги погледнат децата од основните и средните училишта во Центарот за култура „Григор Прличев“. В сабота, покрај маратонот, ќе има и работилница со децата од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и УНДП, а темата е „Заеднички перспективи-младите за Охридското Езеро“, а ќе настапи и ансамблот „Билјана“, потенцира Јанкоски.

Градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, истакна дека е горд што успеале трката да се одржи и да не згасне традицијата. Најави дека подготовките за маратонот догодина, ќе започнат уште оваа есен.

– Горд сум што воопшто успеавме и да ги донесеме овие пливачи, сега се најде и спонзор што ги покри и патните трошоци на учесниците, со цел да се привлечат пливачи. Наградниот фонд го обезбедува Агенцијата за млади и спорт, останатиот дел од трошоците поврзан со маратонот го покриваат, најголем дел приватни фирми и секако локалната самоуправа. Имаме спонзори за кои сме благодарни и се надеваме дека соработка ќе имаме и за догодина. Има уште многу фирми што сакаат да учествуваат, но веќе е затворена финансиската рамка, па нема да ги искористиме за годинава, подвлече Пецаков.

Во рамки на продолжениот празничен викенд, за кога се очекува голема посетеност од домашни и странски гости, покрај традиционалниот Охридски пливачки маратон, Охрид ќе биде домаќин и на финалниот натпревар во ракометниот Супер куп, премиерен натпревар за „гладијаторите“ пред домашната публика во новата натпреваривачка сезона, како и на манифестацијата „Охридски фестивал на виното“. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес