Одбележување на месецот на менталното здравје на младите

Одбележување на месецот на менталното здравје на младите

Охрид, 25. октомври 2022 (ИНПРЕС) – Охридската гимназија „Св.Климент Охридски“ со неколку настани се приклучува кон иницијативата за одбележување на Светскиот ден на менталното здравје.

На 10 -ти октомври се одбележува Светскиот ден на менталното здравје, па така и целиот месец октомври е во знакот на ова одбележување. Оваа иницијативата е покрената од Светската федерација за ментално здравје во 1992 година, а со цел да се сврти вниманието на јавноста и да се покрене свеста за превенција и навремен третман на менталните растројства. Менталното здравје е многу повеќе од недостаток на болест; тоа е и добросостојба којашто вклучува капацитет за формирање и одржување на релации, учење, работа, одмор и разонода, како и можност и право на лични одлуки и избори.

Гимназијата ги објави резултатите од екстерните испити од државната матура

Настанот во гимназијата ќе се одржи утре, 26-ти октомври од 12:00 часот. Воведно обраќање ќе има Алберта Гулицовска, м-р психолог во училиштето, ќе следи проекција на уметнички творби на тема „Ментално здравје“ изработени од учениците од втора година, под менторство на професорката Виданка Мојсоска; Дискусија на тема „Дилеми околу употребата на медикаментозна терапија“ со д-р Елена Сотироска, психијатар од приватна специјалистичка ординација; Авторски филм на тема „ Депресија“, подготвен од Наталија Танеска ученичка во II-3 клас и Марија Зороска ученичка во II-2 клас и за крај дискусија на тема „Анксиозност“ со м-р Ранко Раткушиноски, психолог во Црвен Крст Охрид.

– Ве покануваме да присуствувате на овој настан и заедно да откриеме како подобро да се грижиме за себеси, како да си го олесниме управувањето на нашите мисли и чувства, како да се справуваме со анксиозноста и паничните напади и како да не се доведеме до burn out. Исто така ќе се обидеме да ги разрешиме дилемите околу користењето на лекарства во надминувањето на психолошките проблеми, велат од гимназијата. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива