Денеска почнува собраниската дебата за Предлог-буџетот, поднесени над 250 амандмани

Денеска почнува собраниската дебата за Предлог-буџетот, поднесени над 250 амандмани

Скопје, 23. ноември 2022 (ИНПРЕС) – Во Собранието денеска треба да почне расправата за Предлог-буџетот за 2023 година. За него ќе расправа матичната Комисија за финансирање и буџет.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот за 2023 година се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите се на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП.

Економскиот раст на домашната економија е проектиран на 2,9 проценти, а стапката на инфлација 7,1 процент

Предлог буџет за 2023: Раст на економијата од 2,9 и инфлација од 7,1  проценти – Kurir.mk

Предлог-буџетот е изготвен согласно новиот Закон за буџети и со него треба да се одржи економскиот раст, да се извршат редовно сите обврски на државата и да се поддржат реформите и евроинтегративните процеси на земјата.

Министерот за финансии Фатмир Бесими очекува голем интерес за дискусија. Во изјава за МИА, тој вчера посочи дека инклузивноста е секогаш добредојдена за да се соочат аргументите „за“ и „против“ и да се избере најдоброто.

За Предлог-буџетот се поднесени 263 амандмани од сите политички партии од кои околу 200 се од ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Бојан Стојаноски вчера изјави дека интересот е особено голем и дека очекува плодна расправа.

Двата најголеми синдикати во земјава – Сојузот на синдикати на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати ги повикаа пратениците да предложат и изгласаат подобрување на работничкиот стандард. Изразија загриженост што има предвидено незначителни средства за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор и тоа само за оние категории за кои со порастот на минималната плата идната година, нивните плати ќе останат под неа, а нема предвидено скоро никакви средства за исплата на надоместици и додатоци на плата утврдени со закон и колективните договори. (Крај)

извор: Сител фото: архива