ТАВ Македонија: Од јуни повторно се воведува авио конекцијата меѓу Охрид и Белград

Охрид, 31. јануари 2023 (ИНПРЕС) – По најавите од српскиот национален авиопревозник, Air Serbia дека од јуни годинава ќе ги обнови летовите меѓу Белград и Охрид, потврда доаѓа и од ТАВ Македонија.

Охрид, македонскиот бисер и македонскиот туристички и културен центар ќе биде воздушно поврзан со Белград четири пати во неделата, односно секој понеделник, среда, петок и сабота, почнувајќи од 5-ти јуни.

– ТАВ како аеродромски оператор секогаш топло ги пречекува одлуките на авиокомпаниите за нови или обновени авиолинии и летови. Среќни сме што Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид повторно ќе ја додаде оваа авиолинија во својата мрежа и ќе го опслужува летот Белград-Охрид-Белград, на кој ќе лета Air Serbia, откако беше стопиран во 2017-та година. Оваа авио-конекција ќе значи дека туристи од Србија ќе можат да патуваат до Охрид со авион и да ја посетат околината и регионот на Охридското Езеро на побрз и поудобен начин. Понатаму, оваа линија дополнително ќе отвори нови дестинации за нашите граѓани и за луѓето во гравитациската зона на охридскиот регион бидејќи Air Serbia лета до преку 70 дестинации во Европа, Медитеранот, Северна Америка, Азија и Африка, што претставува уште една предност и погодност за нашите патници, изјави Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија.

Авионските билети за оваа обновена авионска линија се во продажба и може да се резервираат на веб-страницата на Air Serbia, како и на мобилната апликација на Air Serbia, достапна и за Android и за iOS.

Како што претходно изјавија претставниците на Air Serbia, враќањето на Охрид во мрежата на летови на авиокомпанијата е одлично дополнување и тие се уверени дека патниците се радуваат за оваа услуга од Охрид и се воодушевени што овој фасцинантен град ќе биде попристапен.

– Во текот на 2023 година, Air Serbia во својата мрежа ќе додаде преку 20 нови дестинации кои што не беа на редот на летање во 2022 година, а особено ни е задоволство што Охрид е меѓу овие дестинации. Летовите меѓу Белград и Охрид ќе сообраќаат четири пати неделно и ќе овозможат патниците од регионот и низ Европа да ги искусат охридските културни и историски места и атракции, изјави Бошко Рупиќ, генерален директор за комерцијални работи и стратегии на Air Serbia.

Со оваа нова авио-линија од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, како и со најавите за нови линии од Меѓународниот Аеродром Скопје, ТАВ Македонија очекува фрекфетна летна сезона и очекува 2023-та да биде година на целосно пост-пандемиско закрепнување.

Двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, ја завршија 2022 година со значително закрепнување на патничкиот авиосообраќај достигнувајќи приближно 2,4 милиони патници или вкупно опслужија 2.371.423 патници и 19.448 летови.

Моментално, 11 авиокомпании летаат од Меѓународниот Аеродром Скопје (Air Serbia, Austrian Airlines, Croatia Airlines, Edelweiss, Chair Airlines, Pegasus Airlines, Turkish Airlines, LOT, Aegean, Wizz Air, Easyjet) до 36 дестинации, додека од Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид, две авиокомпании (Wizz Air, Chair Airlines) летаат до 4 дестинации. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива