Над 4.000 македонски граѓани добиле дозвола за работа во Хрватска, меѓу нив има и од Охрид, кој ќе работи во градов летово?

Над 4.000 македонски граѓани добиле дозвола за работа во Хрватска, меѓу нив има и од Охрид, кој ќе работи во градов летово?

Скопје/Охрид, 15. мај 2023 (ИНПРЕС) – Над 4.000 македонски граѓани од почетокот на оваа година добиле дозвола за престој и работа во Хрватска. Како што ни изјавија од хрватското Министерство за внатрешни работи, бројот на одобрените работни дозволи за македонските граѓани е зголемен за 60% во споредба со истиот период лани, пишува порталот Сакам да кажам.

– До крајот на април, на македонските државјани им се издадени 4.091 дозвола за престој и работа во Хрватска, додека во истиот период лани биле издадени 2.546 дозволи. Од нив, 746 дозволи се однесуваат на сезонското вработување, велат од МВР на Хрватска.

На почетокот од годинава Вечерни лист објави дека во 2022 година биле издадени 10.053 дозволи на државјани на Македонија за престој и работа во Хрватска.

Од 1 јануари 2021, хрватската влада веќе не утврдува годишни квоти за издавање работни дозволи за граѓаните на трети држави, во кои спаѓа и Македонија, бидејќи не е членка на ЕУ. Единствените ограничувања за еден странец се да не е осудуван за кривично дело, да не е закана за националната безбедност и јавното здравје и да нема забрана за влез во Хрватска, односно во Шенген зоната.

Во секторите туризам, угостителство и градежништво, на Хрватска ѝ недостасуваат повеќе од 110.000 работници. Во туризмот планираат да вработат 60.000 сезонци, а 35.000 странски работници во 2023 година ќе го надминат бројот на домашните сезонски работници, кои се потешко се наоѓаат. Недостигот од работници веќе се гледа во намалувањето на опфатот на некои услуги во многубројните индустрии, па така, на пример, големите трговски ланци ја намалија работата во помалите маалски продавници на само една смена. Недостигаат и медицински сестри, лекари, наставници, информатичари, возачи на камиони… Хрватска од регионот си обезбедува работници. Во земјата работат Срби, Босанци, Македонци. Инаку, пред неколку години се споменуваа бројки од 15.000, 20.000 сезонци, но сега бројките растат.

Лидерите на Отворен Балкан минатиот месец најавија дека во текот на јуни или јули се очекува да стартува либерализацијата на пазарот на трудот со што ќе бидат отстранети работните дозволи за граѓаните од трите земји. Ова очекувано ќе донесе и поголем одлив на работна сила од земјава.

Тука повторно се отвора прашањето кој ќе работи во најголемиот туристички центар, Охрид, летово?

Подолг период наназад, преполни се огласите по медиумите и социјалните мрежи со барања за лица за работа. Ако некогаш се бараше и соодветна стручна подготовка, сега тоа како да се става во втор план и се нудат брзи обуки за оспособување за конкретната работна активност, по што веднаш се започнува со конкретни работни обврски. Во некои од огласите дури стои и дека се бараат средношколци за работа.

Минатата летна сезона OhridPress анализираше дека средношколците ја спасија сезоната во Охрид, сега повторно сме исправени пред прашањето кој ќе ја спаси претстојната?

Нефункционалност на државата, неказнивост, концентрација на капиталот во мала група луѓе, нефункционирање на правото, длабока партизираност, огромна администрација… Ова се само дел од причините, кои, покрај ниските плати се наведуваат како главни за заминување од родниот град. (Крај)

извор: Сакам да кажам/ИнПрес фото: ИнПрес