Охрид, 31. мај 2023 (ИНПРЕС) – Градежните зафати што се изведуваат на делот од улицата „Македонски просветители“, од ЕВН до Пожарната се за целосна промена на водоводната линија вели за Супер радио и InPress директорот на охридски „Водовод“, Марјан Ристески.
По појавениот дефект што е отстранет, нивните екипи преминаа на замена на цевките и правење нови шахти.
– Имаше дефект истиот се санираше, меѓутоа ќе ја промениме целосно водоводната инсталација она што и претходно го најавувавме. Дел од цевките се променети, правевме и шахти за да не останува поголем дел жители без вода при дефект. И левата и десната страна беа на ист шибер, сега ставивме шахти да се одвоени. Со промена на водоводната линија се надеваме дека ќе се надминат сите проблеми, истакна Ристески.
Моментално екипите на „Водовод“ работат на водоводната линија до крајот на улицата, а зависно од динамиката, од претпријатието се надеваат дека до пред почетокот на летната сезона ќе биде завршен и кракот од улицата покрај Пожарна, до пресек со улицата „Абас Емин“.
Кон крајот на октомври минатата година Супер радио и InPress ја обработуваа темата за честите водоводни дефекти на овој потег. Тогаш првиот човек на претпријатието како приоритетен го наведе токму овој проект, за промена на цевководите во овој дел од Охрид. (Крај)
извор: ИнПрес фото/видео: ИнПрес
