Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home2/totomk/public_html/new.inpress.mk/wp-content/themes/darknews/single.php on line 43
Охрид, 9. август 2023 (ИНПРЕС) – Иван Антоновски е писателот на расказот „Ние ја имаме судбината на Јозефа К.“ под шифра: „Обид на македонистот“, што беше избран за најдобар на годинашниот конкурс „Живко Чинго“.
Иван Антоновски (1990) е писател, книжевен критичар, есеист и книжевен преведувач, асистент на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Автор е на неколку книги со студии и есеи за современата македонска книжевност, поетски книги и книжевни преводи. Неодамна, во издание на книгоиздавателството „Матица македонска“ беше објавена неговата најнова книга „Просто и строго – Конески“. Соприредувач е на три антологии и на неколку други монографски публикации кои се однесуваат на современата македонска книжевност. Бил уредник и соработник на неколку списанија за книжевност и култура, меѓу кои и на е-неделникот „Репер“. Во моментов е уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“. Добитник е на неколку книжевни награди и општествени признанија, меѓу кои се наградата „13 Ноември“ на Град Скопје и наградата „Франк Манинг“ на Ректоратот на УКИМ. Прогласен е за најдобар млад научник во хуманистичките науки за 2021 година и од претседателот на државата му беше доделено признанието „Успешни млади“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија и на Македонскиот славистички комитет.
Наградата за најдобар расказ ќе му биде доделена во рамки на манифестацијата „Вечер на Живко Чинго“ што ќе се одржи на 13-ти август во Велгошти, родното место на Чинго. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
