Летото завршува, ќе останат ли истите цени: Охриѓани „туристи“ во својот град во текот на целата година?

Летото завршува, ќе останат ли истите цени: Охриѓани „туристи“ во својот град во текот на целата година?

Охрид, 15. септември 2023 (ИНПРЕС) – Уште само неколку дена до календарскиот крај на летото, а Охрид, како најголем туристички центар во државата, остава зад себе една од поуспешните сезони последните години.

Поскапувањата на електричната енергија, горивата и скоро сите производи донесоа нови и значително повисоки цени, кои за жал не ги следеше и соодветно зголемување на платите.

Туристички Охрид ова лето понуди повисоки цени, кои во зависност од дејноста се движеа во просек од 20 до 30%, но дел од услугите и производите се нудеа и продаваа и по значително повисоки цени.

– Ќе бидеме ли и оваа година „туристи“ во сопствениот град. Совршено сме свесни за поскапувањата, но знаеме и дека голем дел од цените се превисоки и можат да имаат соодветна корекција. Ако веќе мора да живееме со вакви цени во текот на шпицот на сезоната, барем да може да „здивнеме“ во текот на останатите месеци од годината, коментираат охриѓани на социјалните мрежи.

Цените на над 50 основни прехранбени производи, од кои 90 отсто се даночат со ДДВ од 5 отсто, ќе се намалат за минимум 10 отсто од наредната среда, објави вчера министерот за економија Крешник Бектеши по средбата со претставници на осум синџири на маркети што се одржа во Министерството за економија.

– Имавме многу конструктивна дебата и заеднички се согласивме дека има простор за намалување на цените. Тоа како општествено одговорни претпријатија го прифатија и синџирите на супермаркети што значи дека ќе бие усвоена одлуката на Министерството за економија на владината седница во вторник и реализирана во делот на намалување на цените на прехранбените производи во сите синџири на супермаркети, изјави Бектеши по средбата и додаде дека очекува нивниот пример да го следат и увозниците и производителите на прехранбени производи.

Со тоа, како што кажа, за минимум 10 отсто ќе се намалат цените на над 50 основни прехранбени производи, од кои 90 отсто се даночат со ДДВ од 5 отсто, а референтна цена ќе им биде цената од еден од претходните месеци.

Владата на Република Македонија вчера донесе одлука со која се забранува на трговците кои вршат трговија на мало на земјоделски и прехранбени производи да нудат акциска продажба (акција) и промотивна продажба (промоција), со исклучок на алкохолни и безалкохолни пијалоци, при нивно ставање во промет. Идејата е да се намалат сите можни манипулации при продажба на земјоделски и прехранбени производи, исто така да се намали и спречи нарушувањето на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки. Одлуката е со цел граѓаните да ја знаат точната и реална цена на производот, и да не се доведуваат во заблуда со цените на прехранбените производи, а ќе се применува до 30-ти ноември 2023 година.

извор: ИнПрес фото: ИнПрес