Водостојот на Охридското Езеро за 4 сантиметри повисок од просекот за ноември

Водостојот на Охридското Езеро за 4 сантиметри повисок од просекот за ноември

Охрид, 27. ноември 2023 (ИНПРЕС) – Нивото на водата во Охридското Езеро е на четири сантиметри над просекот за овој период од годината.

Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), езерото е на кота од 693,33 м.н.в, што е за 4 сантиметри над просекот за ноември (693,29 м.н.в) и 23 сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в).

Температурата на водата е 12 степени и е за речиси степен пониска од просечната.

Од почетокот месецов се бележи тренд на пораст на водостојот, кон тоа придонесоа врнежите од дожд, а снегот дополнително позитивно ќе се одрази на хидролошката состојба.

Во Охрид денес сончево и студено време, во западните делови со мала до умерена облачност. Кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми насекаде, а во текот на ноќта во западните делови ќе има повремени врнежи од снег. Максималната температура ќе се искачи до 3. степени.

– Под влијание на нов влажен бран од денес во ноќните часови, утре во текот на целиот ден и во среда наутро се очекуваат нови врнежи, на планините и на некои повисоки места од снег, а на пониските места од дожд. Во западните делови ќе има пообилни врнежи (локално над 25 l/m2), a снежната покривка на планините на северозапад ќе се зголеми за 10 до 15 cm. Утре ќе дува засилен јужен ветер. Дневната температура во следните денови ќе биде во пораст, информираат од УХМР. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес/УХМР