Минатата недела во Охрид регистрирани 46 заболени од грип, епидемиолозите велат бројката не е реален приказ на состојбата

Минатата недела во Охрид регистрирани 46 заболени од грип, епидемиолозите велат бројката не е реален приказ на состојбата

Охрид, 2. февруари 2024 (ИНПРЕС) – Минатата недела во Охрид биле регистрирани 46 случаи на заболени од сезонски грип.

Споредено со неделата пред неа бројката е поголема за четири случаи. Специјалист епидемиолог д-р Јованка Стурлакова Коровешоска за Супер радио и InPress потенцира дека оваа бројка не е реална, бидејќи голем дел од заразените не се пријавуваат или се лекуваат во домашни услови.

За потсетување, во првата недела од 2024 имаше 52 случаи на грип, во втората 81, додека во третата 42 случаи. После новогодишните празници поради масовните собирања, прослави, блиски контакти, беше забележано нагло зголемување на бројката на заболени од грип, а беа претежно помлади лица кои не се вакцинирани.

Вакцини против сезонски грип и натаму се достапни во Центарот за јавно здравје за оние кои ќе сакаат да се имунизираат. Оваа сезона споредено со изминатите е голема бројката на вакцинирани против сезонски грип. Заклучно со првата половина на јануари се имунизирани 2.513 лица.

Според искуствата на епидемиолозите од претходни сезони, пикот на заболени од грип се очекува во текот на овој месец. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива