Шкотска планира да ја зголеми минималната цена на алкохолот за 30 отсто

Шкотска планира да ја зголеми минималната цена на алкохолот за 30 отсто

Единбург, 5. февруари 2024 (ИНПРЕС) – Властите во Шкотска имаат намера да ја зголемат минималната цена на алкохолните пијалоци како дел од мерките за намалување на бројот на хоспитализации и смртни случаи поврзани со алкохол.

Министрите во Единбург наскоро треба да дадат зелено светло за зголемување од 50 на 65 пени по единица, кое треба да започне од почетокот на мај. Јавното здравство Шкотска (PHS) минатата година соопшти дека проектот за минимална цена на алкохолот, воведен пред шест години, резултирал со пад од 13,5% на смртните случаи поврзани со алкохол.

Сепак, во последните три години е забележан пораст од 25% на бројот на смртни случаи поради консумирање алкохолни пијалоци, додека бројот на оние кои користеле помош за откажување од алкохол е намален за 40% во последната деценија.

Според новата одлука, минималната цена на стандардното шише виски во Шкотска ќе порасне од 14 на 18,20 фунти, а вотката на 16,90 фунти, пишува Гардијан.

– Повеќе од 20 луѓе неделно во Шкотска умираат од злоупотреба на алкохол, затоа треба да преземеме акција, рече Вили Рени, поранешен лидер на шкотските либералдемократи.

Дејвид Ричардсон, од синдикатот на трговците на алкохол, не се согласува со него: „Со овие мерки ќе го казниме огромното мнозинство што пијат одговорно“. (Крај)

извор: Слободен печат фото: архива