Битиќи: Предлог-законот за нефер трговски практики ќе го реши проблемот со евентуално зголемување на цените

Битиќи: Предлог-законот за нефер трговски практики ќе го реши проблемот со евентуално зголемување на цените

Скопје, 5. март 2024 (ИНПРЕС) – Во овој момент ќе повикам на пратениците да го изгласаат законот за нефер трговски практики, затоа што сметам дека само на тој начин институционално ќе го решиме проблемот со евентуално зголемување на цени кои не се пазарни, изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. 

Во изјава за медиуми по настанот за Индустрискиот ден на НАТО, вицепремиерот истакна дека Државниот пазарен инспекторат е секојдневно на терен.

– Во прв момент кога ќе ни стигне извештајот дали и кои производи имаат зголемени цени, ќе се укаже и во јавноста, особено ако тоа се прави на организиран начин, рече тој.

Во врска со Комисиајта за заштита на конкурентност, тој информираше дека веќе има една претставка, и очекува новиот состав на Комисијата да ја забрза работата за доколку забележи организиран начин на зголемување на цени, тоа да го спречи.

Битиќи ги повика пратениците да го изгласаат Предлог законот за нефер трговски практики кој е денеска на комисиска расправа во Собранието.

Овој Предлог-закон треба да помине и на Законодавно-правната комисија за потоа пратениците да расправаат за него на пленарна седница.

Со донесувањето на Предлог законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот на снабдување со земјоделство и храна. Надлежните очекуваат да се стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и дека овој закон ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи. (Крај)

извор: ТВ 24 фото: архива