Ѓорѓиоска/Јосифоски: Интересот за учество на турнирот „Охрид Опен“ во олимписко таеквондо расте, годинава очекуваме околу 300 натпреварувачи (Видео)

Ѓорѓиоска/Јосифоски: Интересот за учество на турнирот „Охрид Опен“ во олимписко таеквондо расте, годинава очекуваме околу 300 натпреварувачи (Видео)

Охрид, 3. април 2024 (ИНПРЕС) – Оваа сабота, 6-ти април, во СРЦ „Билјанини извори“ ќе се одржи третото издание на турнирот во олимписко Таеквондо „Охрид Опен 2024“.

Турнирот е во организација на Таеквондо клубот „Хваранг Фист“ од Охрид и Македонската Tаеквондо федерација. Покрај од Македонија ќе има и натпреварувачи од соседните земји, a гостин и на годинашниот турнир ќе биде нашиот олимписки медалист Дејан Ѓорѓиевски. За организацијата на самиот турнир, учесниците и очекувањата поразговаравме со Ангела Ѓорѓиоска и Стефан Јосифоски од организациониот одбор.

Супер радио: Викендов ќе се одржи третото издание на турнирот „Охрид Опен 2024“ во олимписко таеквондо. Кажете ни детали за овој настан?

Ѓорѓиоска: Настанот ќе се одржи во сабота, во спортската сала „Билјанини извори“. Ќе започне околу 09:00 часот со борби, додека свеченото отворање ќе биде околу 13:00 часот. Очекуваме да бидат гости градоначалникот на Општина Охрид, како и градоначалниците на скопските општини Бутел и Ѓорче Петров.

Супер радио: Што значи и опфаќа олимпиското теквондо, што е дозволено, што не?

Јосифоски: Олимпиското таеквондо е всушност спортскиот дел, спортската борба од таеквондото. Се заснова повеќе на поен систем, опремата е целосно електронска, бодувањето е само електронски. Преовладуваат ударите со нога, удари со рака е дозволено само еден во телото.

Супер радио: Колку натпреварувачи се пријавени, од каде и во кои сé дисциплини и категории ќе се натпреваруваат?

Ѓорѓиоска: Натпреварувачи покрај од Македонија имаме и надров од државата, од Албанија, Србија, Црна Гора и се очекува од Косово. Досега имаме околу 200 пријавени натпреварувачи, очекуваме бројката да достигне околу 300, а можеби и повеќе бидејќи во тек е пријавувањето. Категориите во кои ќе се натпреваруваат се деца, кадети, јуниори и сениори, во различни дисциплини, А и Б класа. А класата значи бодување во тело и глава, додека Б класа е само во тело.

Супер радио: Верувам интересот за учество се зголемува од година во година.

Ѓорѓиоска: Да, минатата година имавме околу 180-200 натпреварувачи. Годинава веќе почнуваме со толку и се очекува бројот допрва и да расте.

Супер радио: И годинава ќе присуствува олимпискиот медалист Дејан Георгиевски, како и Мила Релиќ.

Јосифоски: Да, најавени гости оваа година ни се Дејан Георгиевски, како и Мила Релиќ. Морам да споменам дека тие изминатиов викенд на „Скопје Рамус Опен“ освоија златен медал во Г1 турнир и освоија нови поени на светската и олимписката ранг листа. Ни претставува огромно задоволство што доаѓаат во нашиот град и ќе бидат дел од овој турнир.

Супер радио: Кон средината на февруари се вративте со 15 медали меѓународен турнир во Ниш, еве сега турнирот е пред нас. Кои се плановите за следниот период?

Јосифоски: Во Ниш, Србија се претставивме во најдобро светло, освојувајќи 15 медали. Во Охрид се надеваме на уште повеќе медали. Почетната бројка на натпреварувачи од нашиот клуб „ХВА Ранг Фист“ веќе достигна 50, деновиве се надеваме дека ќе се зголеми. Очекуваме многу златни медали, па можеби и пехар. Во наредниот период се во најава „Хереа Опен“ во соседна Бугарија и „Астерикс Куп“ во Ниш, Србија, каде очекуваме да постигнеме одлични резултати. (Крај)

извор: ИнПрес фото/видео: ИнПрес