ИЈЗ: Бројот на активни пушачи во Македонија е 45.4%, нема голема заинтересираност за откажување од пушењето

ИЈЗ: Бројот на активни пушачи во Македонија е 45.4%, нема голема заинтересираност за откажување од пушењето

Скопје, 31. мај 2024 (ИНПРЕС) – Употребата на тутун во Република Македонија е многу висока. Според последните истражувања на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) бројот на активни пушачи изнесува 45.4%, со многу низок процент на луѓе (5%) кои успешно се обиделе и откажале од пушење во последните години.

Според последните истражувања процентуалната застапеност на население кое употребува тутун, нѐ става меѓу земјите во светот кои имаат најголеми стапки на население кои се активни пушачи.

– Во однос на откажувањето, во советувалиштата за откажување од пушење кои функционираат во склоп на Центрите за јавно здравје низ целата држава, има многу мала посетеност. Во 2023 година во советувалиштата се јавиле само 43 луѓе, што е многу мала бројка, односно нема голема заинтересираност за откажување од пушењето кај населението, наведуваат од ИЈЗ.

Како еден од најголемите и најзастапените ризик фактори кај речиси сите видови на хронични незаразни заболувања, употребата на тутун сериозно придонесува кон нарушувањето на општото здравје на популацијата. Кардиоваскуларни, респираторни, репродуктивни, малигни, ендокрини и многу други видови на заболувања, може да се јават како последица од редовна употреба на тутун.

– Иако Република Македонија во 2006 година ја ратификуваше Рамковната конвенција за контрола на тутунот (FCTC) на Светската здравствена организација и низ годините имало напори за да се зајакне здравствената регулатива поврзана со употребата на тутун, во последните години има застој на ова поле, со укинување на забраните за пушење во терасите од угостителските локали, а дополнително се дозволи употреба на електронските уреди кои го загреваат а не го горат тутунот (HTTP) во јавни затворени локали. Тутунската индустрија со сите свои ресурси успешно се бори против напорите за зајакнување на законската легислатива, која всушност е еден од условите за пристап на Република Македонија кон Европската Унија, па така потреба од прилагодување на законите со оние од ЕУ е неопходна за напредокот на земјата, додаваат од Институтот.

Пушењето меѓу младите останува распространето и се зголемува во одредени нации. Повеќе од 38 милиони млади луѓе на возраст меѓу 13 и 15 години користат некаков облик на тутун.

Темата на Светскиот ден без тутун 2024 година е „Заштита на децата од влијанието на тутунската индустрија“, за да се заштитат идните генерации и да се осигура дека употребата на тутун ќе продолжи да опаѓа. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива