Охриѓанката Миланка Новеска ја доби кралската стипендија за 2024 година што ја доделува шведската кралица

Охриѓанката Миланка Новеска ја доби кралската стипендија за 2024 година што ја доделува шведската кралица

Охрид, 11. јуни 2024 (ИНПРЕС) – Охридската оперска дива Миланка Новеска ја доби кралската стипендија Drottningholmsteaterns Vänner за 2024 година, што ја доделува шведската кралица.

– Беше голема чест за мене вчера да се настапи во Drottningholm Slottsteater за Нејзиното величество кралицата Силвија од Шведска и Drottningholm Slottsteater’s Vänner. Целиот тим заврши неверојатна работа и напиша нова историја. Ви благодарам на сите што верувавте во мене и мојот уметнички потенцијал, вели Миланка по добивањето на стипендијата.

Инаку ваква стипендија може да добие само некој кој има работено во кралскиот театар.

Неодамна Џереми Карпентер, солист во Кралската шведска опера во Стокхолм и основач на Vocal Masterclass Stockholm порача дека со убавиот глас и техничките атрибути што ги поседува, Миланка Новеска заслужува оперска кариера.Тој додаде дека ја запознал на летен курс за вокален Мастерклас во Стокхолм во 2022 година, а минатата година имал можност и да работи со неа.

Миланка од најрана возраст се занимава со пеење, а талентот го насочува кон класичната музика. По едукацијата во Република Македонија, магистерските студии и успешните настапи во Романија, таа се пресели во Стокхолм, Шведска, родната земја на сопругот. Стана стипендист на најпрестижната фондација S:t Johanneslogen S:t Erik основана од кралот Карл XIII во осумнаесеттиот век. Во 2013 година ја доби Повелбата „Свети Климент Охридски“, што ја доделува нејзиниот роден град Охрид. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива