Охрид, 24. јули 2024 (ИНПРЕС) – Богата спортска, забавна и социјално-едукативна програма е најавена за второто издание на Ohrid Water Festival што ќе се одржи од 23-ти до 31-ви август.
Главни цели на фестивалот се промоција и развој на водените спортови, заштита на Охридското Езеро и негова промоција, како и збогатување на туристичката понуда.
Ohrid water festival како спортско туристички производ е поделен во два дела, спортски и социјално едукативен.
Ќе има пливачки митинг, веслачка, кајакарска и едриличарска регата, суп трка за деца, Акватлон 2024, подводна навигација, Меѓународен ревијален ватерполо турнир, регата со традиционални охридски кајчиња, „Меч рејс“ Европски куп, Балканско јуниорско првенство на отворени води, а како заокружување на годинашното фестивалско издание ќе биде традиционалниот Охридски пливачки маратон на 31-ви август.
Во рамки на социјално-едукативната програма ќе се одржат неколку изложби, за музичкиот дел, меѓу другите ќе бидат задолжени Емилија Колоска и „Балтер“, Наум Петрески, Милован Секулоски и група „Сарај“, потоа „Суперхикс“, диџеите Chvare и Goce Saf, а концерт ќе одржи хорот на „Златно славејче“ и учениците од ОМУ „Методи Патче“. Сите настани ќе се одржуваат пред платото на хотел „Палас“, а деталите околу денот и часот на одржување може да се најдат на веб страницата ohridwaterfestival.mk.
Првото издание лани поминаа успешно, а сите настани од социјално-забавниот дел на манифестацијата привлекоа големо внимание кај публиката. Организаторите се надеваат дека така ќе биде и годинава. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива