Македонската традиционална таеквондо федерација побогата за два црни појаси втори дан

Македонската традиционална таеквондо федерација побогата за два црни појаси втори дан

Охрид, 24. јули 2024 (ИНПРЕС) – Македонската традиционална таеквондо федерација (МТТФ) е побогата за два црни појаси втори дан, откако изминатиот викенд во спортската сала на таеквон-до клубот ХВА РАНГ ИТФ се организираше полагање за повисоки појаси.

27 спортисти од 4 различни клубови ги покажуваа своите вештини и напредок пред жири комисијата и своите поддржувачи. Настанот беше подготвен со голема посветеност и професионалност, а секој учесник се истакна со својата уникатност и напредок, велат од Федерацијата.

– Особено внимание привлекоа двајцата учесници кои полагаа за црн појас 2-ри дан – Давид Велковски и Божидар Димитриевиќ. Овие млади таленти се четвртфиналисти на светското првенство во Пловдив, Бугарија 2019 година и носители на бројни медали и успеси. Нивните изведби беа инспиративни, покажувајќи висок степен на техника и посветеност кон таекво-до Итф спортот. Овој значаен настан беше одржан под контрола на испитната комисија и претседателот на МТТФ, Марјанчо Лазаревски, носител на црн појас 5-ти дан, поранешен светски вице шампион во Прага 1996 година, додаваат од МТТФ.

Полагањето вклучуваше различни категории, од основни техники до напредни форми и спаринг. Учениците ги покажаа своите вештини и напредок, демонстрирајќи ја важноста на континуираната пракса и дисциплина.

Овој настан, истакнаа од Федерацијата, не само што ги поттикна учениците да ги покажат своите способности, туку и ја зацврсти заедницата на МТТФ. Претседателот Марјанчо Лазаревски, со својата експертиза и искуство, ги водеше учениците низ процесот на полагање, поттикнувајќи ги да дадат сѐ од себе и да го покажат најдоброто. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива