Оваа сабота по третпат „Вкусете го Охрид – локално“

Оваа сабота по третпат „Вкусете го Охрид – локално“

Охрид, 25. јули 2024 (ИНПРЕС) – Надалеку прочуената гастрономија на Охрид: охридско ѓомлезе, комат, питулици, макало.., но и гастрономската традиција на нашата земја, локалните производители, чувари на традицијата оваа сабота ќе бидат не едно место, на плоштадот „Долна Порта“ ќе се одржи третото издание на „Вкусете го Охрид – локално“.

Ќе се потсетите на изворниот вкус на охридски и македонски специјалитети приготвени на традиционален начин, ќе слушнете како што настанало и ќе уживате во добра музика, велат организаторите Slow Food Ohrid.

– Настанот во сабота е можност да ја промовираме храната што генетски ја препознаваме, да ги измериме капацитетите на „бавна” храна наспроти трендот на брза и неквалитетна храна. Слоу Фуд посакува свет во кој сите луѓе ќе можат да уживаат во храна која е добра за нив, за производителите и за конзументите. Пристапот се заснова на концептот за храна што е дефиниран со три меѓусебно поврзани принципи: добра, чиста и правична, додаваат од Slow Food Ohrid.

Slow Food Ohrid е дел од Слоу Фуд Македонија и поради извонредната местоположба и преку своите уникатни приказни е надоен со искрена љубов кон традицијата, почитување на природниот биодиверзитет и локален идентитет.

Настанот „Вкусете го Охрид – локално“ е со почеток во 19:00 часот, организиран од движењето Slow Food Ohrid со поддршка на Општина Охрид и Слоу Фуд Македонија. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива/ИнПрес