УЈП спроведе контроли во Охрид, Струга и Дојран, утврдени неправилности кај 49 туристичко-угостителски објекти

УЈП спроведе контроли во Охрид, Струга и Дојран, утврдени неправилности кај 49 туристичко-угостителски објекти

Охрид, 6. август 2024 (ИНПРЕС) – Неиздавање фискални сметки, нерегистрирана резервна фискална апаратура, неводење книга за дневни финансиски извештаи се дел од неправилностите што изминатиот викенд ги утврдиле мобилните екипи на Управата за јавни приходи (УЈП) при контроли во туристичко – угостителските објекти во Охрид, Струга и Дојран.

Даночните инспектори и контролори извршиле контроли во вкупно 108 објекти, а кај 49 даночни обврзници утврдиле неправилности.

– Неправилностите се однесуваат на неиздавање фискални сметки за извршениот промет на добра; не закупил/ не регистрирал резервна фискална апаратура; не води книга за дневни финансиски извештаи; не води итна сметковотствена книга за извршениот промет на добра, односно на услуга; на видно место не е поставено соопштение со кое се информира купувачот на добро, односно корисникот на услуга за неговата обврска да бара фискална сметка; не ги чува и одржува во исправна состојба фискалните апарати, информираат од УЈП.

Додаваат дека за констатираните прекршоци согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања (ЗРГП), изречени се глоби за даночните обврзници и одговорните лица на истите.

– Согласно ЗРГП даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кои плаќањето не се извршува по банкарски пат, односно плаќањата ги вршат во готово (готовински плаќања), должни се да да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издаваат фискална сметка за извршениот промет односно услугата, велат од УЈП.

Потенцираат дека граѓаните кои се соочуваат со неиздавање на фискална сметка или им се издава сметка која не ги содржи елементите на фискалната сметка истото може да го пријават на бесплатните телефонски линии на УЈП 198, или да поднесат претставка писмено во канцелариите на УЈП или на маил на info@ujp.gov.mk како и преку апликацијата МојДДВ. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива