Охрид, 6. септември 2024 (ИНПРЕС) – Женскиот стрелачки клуб „Лихнидос“ по вторпат е организатор на Меѓународниот турнир Grand Prix 2024, под покровителство на Општина Охрид и Македонската спортска стрелачка федерација.
Турнирот ќе се одржи на 15-ти септември на стрелиштето Бејбунар во Охрид, а учесниците ќе се натпреваруваат во спортско стрелаштво со огнено оружје – пиштол и револвер, како и малокалибарска пушка со оптички нишан на 50 и 100 метри.
– Целта ни е продолжување на туристичката сезона, промоција и презентација на градот и збогатување со нова содржина, со што би се привлекле повеќе гости како од државата така и од регионов. Ги покануваме нашите активни членови, рекреативци, пријатели и љубители на спортското стрелаштво да земат учество на турнирот, велат организаторите.
Котизацијата за една дисциплина ќе изнесува 500 денари, а за секоја наредна 300 денари. Еден натпреварувач може да се натпреварува во сите 4 дисциплини со уплата од 1.400 денари
Заинтересираните може да се пријават на мејл адресата sklihnidos@yahoo.com најдоцна до 11-ти септември, а право на учество ќе имаат сите учесници кои ќе уплатат котизацијата на ж-ска 250 000 301 790 391 Шпаркасе банка Охрид, најдоцна до 13-ти септември, до 14:00 часот.
Организаторите со напомена за сите учесници да ги почитуваат правилата за безбедно ракување и користење на оружјето, да носат заштитни очила и антифони, а секое непрописно однесување и непочитување на одредбите, како и безбедноста во ракувањето со оружјето ќе биде санкционирано со дисквалификација. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива