Прв интернационален музички фестивал „Песните на Тоше“ во Националаната опера и балет во Скопје

Прв интернационален музички фестивал „Песните на Тоше“ во Националаната опера и балет во Скопје

Скопје, 25. септември 2024 (ИНПРЕС) – На 11-ти и 12-ти октомври во Националаната опера и балет во Скопје ќе се одржи првиот интернационален музички фестивал „Песните на Тоше“.

Марјан Катароски, промотор на македонски таленти во светот, организатор на музички фестивали во земјава и актуелен директор на Светската асоцијација на фестивали, години наназад со својот ангажман го носи светот во Македонија, но и на нашите млади артисти им овозможува да покажат во меѓународни рамки, што се знаат и умеат, па и да освојуваат највисоки награди.

Катароски моментално е преокупиран со подготовката на нешто уникатно и ново, фестивалот што ќе ги разбранува емоциите кај публиката.

– Идејата за организирање на овој фестивал долго тлееше во мене и го чекаше вистинското време да се реализира. Целта е да продолжат да живеат песните на Тоше Проески, и новите генерациии да ги пејат, а истовремено да успееме да им дадеме една друга димензија. Воедно, секој пејач ќе даде свој печат, а ќе се пејат, секако во живо, на јазикот на кој се снимени. Ќе има учесници од Македонија, од цела екс Југославија, од Израел, Украина, Русија… Музичарите кои секаде го следеа Тоше Проески, од првата вечер ќе ги изберат најдобрите дваесетина учесници што ќе настапат утредента, на гала вечерта. Во публиката ќе има многу гости, секако и членови на неговото семејството, со кои прво разговарав за овој проект. Јас сум директор на фестивалот, а зад мене е голема, професионална екипа. Верувам дека сите заедно ќе направиме еден до најубавите настани што се одржал кај нас и низ песните ќе ја раскажеме и приказната за животот на нашиот Тоше Проески, вели Катароски.

Тој очекува од година во година фестивалот да расте.

– Засега се околу и во врска со овој проект има добра енергија, поддршка, па затоа верувам, дека со музички настани како што е фестивалот „Песните на Тоше“ овие вонвременски мелодии уште долго ќе се слушаат, посакува Катароски.

Фестивалот директно ќе го пренесува Македонската телевизија. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива