Охрид, 27. септември 2024 (ИНПРЕС) – Македонскиот премиер Христијан Мицкоски е домаќин на неговиот унгарски колега Виктор Орбан.
Во премиерската вила во Охрид тие одржаа тет-а-тет средба. Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет, напиша на профилот на Фејсбук премиерот Мицкоски.
– Имав плодна и пријателска средба со унгарскиот колега Виктор Орбан. Историјата сведочи за нашиот заеднички стремеж кон мир, просперитет и соработка. Со години наназад, политичките и економските врски меѓу нашите држави се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво. Унгарија не е само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција, напиша Мицкоски.
Денеска се одржува заедничка меѓувладина седница, а на маргините на посетата, најавено е Орбан да посети неколку од знаменитостите на Охрид како црквата „Богородица Перивлепта“, Античкиот театар и манастирскиот комплекс „Свети Наум“. Предвидено е премиерите на двете земји да положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.
Во Охрид полицијата ги презема неопходни безбедносни мерки, а за безбедно и непречено движење на делегацијата низ градот и околината најавен е времен режим на сообраќај.
Орбан во 2013 година беше во официјална посета на земјава, кога го доби Орденот „8-ми Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Република Македонија и Унгарија. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива