Охридскиот Завод и Музеј ќе соработува со Словачкиот Музеј од Ухерске Храдиште, Република Чешка

Охридскиот Завод и Музеј ќе соработува со Словачкиот Музеј од Ухерске Храдиште, Република Чешка

Охрид, 30. септември 2024 (ИНПРЕС) – НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид потпиша меморандум за соработка со Словачкиот Музеј од Ухерске Храдиште, Република Чешка.

Охридскиот Завод и Музеј ја препозна важноста на меѓународната соработка во заштита и презентација на културното наследство, како и одговорноста за зачувување и промоција на културните вредности и верува дека меѓусебната соработка со Словачкиот Музеј ќе придонесе за развој на професионалните активности и размена на искуства и знаења помеѓу двете институции.

– Двете страни се обврзуваат да соработуваат при организирање проекти, изложби, едукативни активности и други иницијативи кои придонесуваат за зачувување и промоција на културното наследство. Заедничко учество во програмата Еразмус+, која вклучува мобилност на кадрите кои се фокусирани на стекнување нови вештини и размена на најдобри практики на полето на музеологијата на професионалните работни места со т.н. „job-shadowing“.
Двете институции ќе поддржат програми за размена на стручен кадар, вклучително и практиканти фокусирани на стекнување експертиза во заштитата на културното наследство, музејската работа и менаџментот во заштитата на културното наследство. Исто така и двете институции ќе соработуваат во развојот на образовни програми насочени кон зачувување на културното наследство, особено за младите професионалци и пошироката јавност. Заеднички ќе организираат изложби и други културни настани кои го промовираат културното наследство на двете земји, информираат од Завод и Музеј.

Претставници на Словачкиот Музеј деновиве беа во Охрид и се запознаа со богатото културно наследство на градот и регионот. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива