Глоби за три субјекти во Охрид и Струга поради неправилности по одлуката за ограничување на профитните маржи

Глоби за три субјекти во Охрид и Струга поради неправилности по одлуката за ограничување на профитните маржи

Охрид, 30. септември 2024 (ИНПРЕС) – Три субјекти во Охрид и Струга заработија глоби од пазарната инспекција поради неправилности во спроведување на одлуката на Владата за ограничување на профитните маржи за дел од основните прехрамбени производи.

Одделението за инспекциски надзор Охрид, согласно насоките добиени од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Скопје
на 25-ти и 26-ти овој месец изврши вкупно 19 инспекциски надзори во продажни објекти, 8 во трговија на мало и во 11 бурекџилници на подрачјето на општините Охрид и Струга.

Притоа кај 3 субјекти кои вршат трговија на мало се констатирани неправилности, поради немање истакната ознака „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, вели за Супер радио и InPress Цветко Ристески, помошник главен инспектор.

– За оваа неправилност изречени се инспекциски мерки глоба за сторен прекршок по член 58 од Законот за трговија и тоа: на еден субјект кој има статус голем трговец глоба во износ од 7.000 евра за правното лице и глоба во износ од 350 евра за одговорното лице во правното лице, додека на два трговци кои имааат статус на микро трговци глоба во износ од 800 евра за правното лице и 50 евра за одговорното лице во правното лице, информира Ристески.

Тој потенцира дека и во наредниот период ќе се продолжи со инспекциски надзори согласно владината одлука.

Владата од неодамна ја ограничи бруто профитната маржа до 10 отсто за повеќе основни прехранбени производи во трговијата на големо и мало, меѓу кои леб, пекарски и млечни производи, млеко, месо и преработки од месо, дел од конзервните производи, овошје, зеленчук,…

Трговците требаше да ги обележат ваквите производи со ознаката „Помалку трошоци, повеќе за тебе“. Одлуката за корекција на цените на производите што се дел од „есенската кошничка“ ќе важи до 31-ви октомври. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива