Црвен крст Охрид го одбележува Меѓународниот ден на старите лица

Црвен крст Охрид го одбележува Меѓународниот ден на старите лица

Охрид, 1. октомври 2024 (ИНПРЕС) – Охридскиот Црвен крст се приклучува на кампањата на Обединетите нации и денес го одбележува 1-ви октомври, Меѓународниот ден на стари лица.

Црвениот крст спроведува најразлични услуги за стари лица со цел подостоинствен и квалитетен живот и дава придонес и активно се вклучува во креирање на политики за старите луѓе во локалната заедница.

Во таа насока, денес во своите простории 14:30 часот организира тематска средба на која ќе учествуваат претставници на нивната програма за грижа за стари лица „Најди време“, претставници на локалната самоуправа на Охрид и Дебрца, на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца и претставници на меѓуопштинскиот Центар за социјална работа. На средбата ќе се дискутира за иницијативите покренати од страна на Црвен крст Охрид -Програма за грижа за стари лица, за изградба и функционирање на Дом за стари лица и Дневен центар за стари лица на територијата на општините Охрид и Дебрца, како и за други горливи проблеми со кои се соочуваат старите лица во нашата заедница.

Во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на старите лица, волонтерите од Програмата за грижа за стари лица „Најди време денес ги посетија лицата сместени во Одделот за геријатрија при Општата болница во Охрид и корисниците на услуги од Здружението Добротољубие 2014.

Бројот на луѓе на возраст од 65 години или постари, ширум светот се предвидува да се зголеми повеќе од двојно, зголемувајќи се од 761 милион во 2021 година на 1,6 милијарди во 2050 година. Бројот на луѓе на возраст од 80 години или постари расте уште побрзо. Жените имаат тенденција да живеат подолго од мажите и на тој начин го сочинуваат мнозинството постари лица.

Според податоците на Обединетите нации, Република Македонија ќе доживее брз процес на стареење на населението во следните децении. Најновите податоци од пописот во 2021 година, на Заводот за статистика покажуваат дека 24% од населението во земјава е над 60 години. Постарата популација претставува речиси една четвртина од населението и овој тренд, дефиниран како стареење на популацијата, наметнува низа здравствени, социјални и економски предизвици, што пак имплицира зголемена потреба, пред сѐ, од здравствени и социјални сервиси. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива