Охрид, 14. јануари 2015 (ИНПРЕС) – Василичарите со пеење на Василичарски песни, според традицијата, вчера и денес ги обиколуваат домаќинствата.
Примањето на Василичарите в куќи, се смета за отворање на вратата на благословот на Светецот Василиј.
Има голем број на Василичарски песни, кои се зачувале и се пеат во охридскиот регион. Најпозната е песната која се однесува директно на празникот Василица:
„- Сива, сива Василица, каде си се осивила?
– Тамо долу на Бел Дунав!
– Што имаше, што немаше?
– Ми имаше златна чаша, златна чаша канатица, ми канеше слава Божа,
слава Божа и Божика. Божик ми е небото, слава му е на земјата!
Оооооо и в година!“
Постојат песни, кои се пејат на оние кои го носат името на светецот Василиј. Гостите, кои им честитаат именден на оние кои го носат името на светецот Василиј, од врата го поздравуваат со кратка песна: „За многу, честита слава домаќине, велико име славенику, среќно и бериќетно лето Господово“.
Традицијата е поврзана и со подготовка на посебни јадења, кои се едноставни за подготовка, но се особено вкусни. Најпознатите се топеница (стар леб, истрошен и пропржен на масло или свинска маст и крупна сол) и вареница, која ја има во два вида. Едниот е со пченкарно брашно, сол, еден вид качамак, но со пршки, а вториот вид, кој поретко се подготвува е со обично бело брашно, кое се вари како и качамакот, но се додава шеќер.
За бериќетот на куќата има неколку Василичарки песни:
„Чук, чук. Кој иде? Св Василије.
Од кај иде? Од Сардинија.
Што носи? Здравје и бериќет.
Повели влези, нека влезе во секоја куќа Св Василија и секаде нека донесе здравје и бериќет, Среќна православна Нова година Василица. “
Или песните во кои се измолува од Бога бериќет:
„Сурова, сурова година, Весела, весела година,
Голем клас на нива, Голем грозд на лоза,
Црвено јаболко в градина, Живо, здраво до година,
До година – до амина! Среќна и бериќетна Православна Нова Година!
За мно години!“
„Сурова, сурова година, голем клас на нива, голем грозд на лоза, жолт мамул на леса, живо здраво до година, до година до амина“.
Во различни места во охридско, Василичарските дружини броеле 30 до 50 учесници од кои се избирале четворица „маскарџии”. Меѓу нив двајца биле „старци”, а други двајца ги играле улогите на две млади жени – невестата и орваната. Другите учесници во тајфата претставувале „деца” или „војска”. Во Дебрца, главни актери во оваа игра биле зетот, невестата и гатачот.
За тој момент се пее обредната песна, со која се измолуваат пари од домаќинот:
„По мене бабо, по мене, како струпска ертица, како прилепска ножница,
сурва, сурва година. Сурва, сурва година, живо-здраво до година,
до година до амина, пара, пара домаќине!“ (Крај)
извор: Инпрес фото: архива