Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home2/totomk/public_html/new.inpress.mk/wp-content/themes/darknews/single.php on line 43
Атина, 25. јануари 2015 (ИНПРЕС) – Иднината на Европа не е генерално во затегнувањето на ременот, изјави лидерот на Коалицијата на левите радикални сили СИРИЗА Алексис Ципрас, откако гласаше на избирачко место во атинскиот кварт „Кипсели“.
Резултатите од сите предизборни анкети опокажуваат дека 40-годишниот Ципрас ќе биде идниот премиер на Грција. Неговиот приоритет е повторно преговарање и простување на огромниот долг на земјата од страна на меѓународните кредитори. Тој се залага и против политиката на штедење, која ги задушува Грците.
На излегување од избирачко место Ципрас изјави прво на грчки, а потоа на англиски: „Нашата заедничка иднина во Европа не се мерките на штедење“.
Во Грција денес се одржуваат предвремени парламентарни избори. Избирачките места се отворија во 07:00 часот по локално време и ќе бидат затворени во 19:00 часот. Првите официјални податоци ќе бидат објавени веќе по 22:00 часот, а конечните се очекуваат најрано утре наутро. Право да гласаат имаат 9,09 милиони граѓани од 11-те милиони жители на Грција. Грците треба да изберат 300 пратеници во еднодомниот парламент. За нивниот глас се натпреваруваат 18 партии и 4 предизборни коалиции.
Многумина набљудувачи ги нарекуваат денешните избори во Грција како „историски“, бидејќи ако победи главната опозициска Коалиција на радикалните леви сили Сириза, земјата може да ја напушти еврозоната. Според последните социолошки истражувања, СИРИЗА води пред Нова демократија на Андонис Самарас со 6-10%. (Крај)
извор: АФП фото: АП
