29 години од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор со кој заврши војната во Босна
November 21, 2024

Сараево, 21. ноември 2024 (ИНПРЕС) – Генералниот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина, познат како Дејтонски мировен договор, беше потпишан пред 29 години – на 21 ноември 1995 година во американската воздухопловна база Рајт-Патерсон во близина на градот Дејтон, потсетува Радио Слободна Европа.

Договорот стави крај на речиси четиригодишната војна во Босна и Херцеговина (1992-1995).

Дејтонскиот договор беше постигнат на конференција одржана од 1 до 21 ноември 1995 година.
Официјалното потпишување на договорот се случи во Париз на 14 декември 1995 година од страна на тогашните претседатели на Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска, Алија Изетбеговиќ, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман.

Оригиналниот примерок на Дејтонскиот договор беше донесен во Босна лично од Алија Изетбеговиќ, тогашен претседател на Претседателството на Босна и Херцеговина, како еден од неговите потписници. Сепак, документот подоцна беше изгубен во Претседателството на Босна и Херцеговина.

Исчезнувањето на документот беше пријавено во февруари 2008 година од тогашниот член на тричленото мултиетничко босанско претседателство, Жељко Комшиќ. Оригиналот сè уште не е пронајден. (Крај)

извор: Рацин фото: архива