Се поставува Бадниковата пештера на Градскиот плоштад (Фото)
December 24, 2024

Охрид, 24. декември 2024 (ИНПРЕС) – На Градскиот плоштад се поставува големата Бадникова пештера, која наликува на онаа во Витлеем каде што е роден спасителот Исус Христос.

Бадниковата пештера е подарок за градот од Бигорскиот манастир, а е дело на вредните монахињи од манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во Рајчица. Широка е 2,5 метри и висока 3 метри. Направена е од различни природни материјали, уникатно украсена и збогатена со иконата на Рождеството Христово и кандилце.

Инаку, во меѓувреме течат подготовките за манифестацијата „Бадникови поворки“ 2025 година.

На пробите што се одржуваат во спортската сала на ОУ „Христо Узунов“ бројот на учесници е сѐ поголем. Кон поворката од Охрид ќе се придружат и поворки од Дебрца, Велгошти, Лескоец, Пештани…

Во насока на негување на традиција на православно празнување на Бадник, со пеење на православни црковни песни, на 6-ти јануари, стотици деца низ охридските улици ќе ја пеат Вечниот Бог. Учесниците во поворката ќе носат ѕвезди што ја симболизираат ѕвездата деница што го покажала патот на мудреците до пештерата. Поворката ќе тргне од црквата „Св.Георгиј“ во 10:30 часот, ќе се движи по улицата „Јане Сандански“ и булевар „Туристичка“, па низ охридската чаршија и ќе заврши на Градскиот плоштад каде на учесниците ќе им бидат поделени и пригодни подароци. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес