„Писателите за писателот Тоде“ утре во охридската библиотека
March 5, 2025

Охрид, 5. март 2025 (ИНПРЕС) – „Писателите за писателот Тоде“ е насловен настанот што утре напладне ќе се одржи во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.

Предвидено е колегите писатели и колегите од библиотеката преку избор од негови песни и свои стихови да се потсетат на животот и творештвото на Тоде Илиевски, кој на 7-ми март ќе наполнеше 73 години.

Тоде Илиевски е познат македонски поет, писател за деца и млади, сатиричар, хуморист, преведувач, енигматичар и шаховски проблемист од Охрид.

Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел како просветен работник во повеќе места во Западна Македонија. Бил директор на Радио Дебар и на НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.

Член на Друштвото на писателите на Македонија беше од 1994 година. Учествувал во работата на редакциите на „Јужен бран“, „Спизалит“, „Радосна вест“ и „Копнежи“, а бил главен и одговорен уредник на енигматските забавници „Клуч“ и „Ѕуница“. Одделни песни му се препеани на други јазици. Застапуван е во антологии, избори и учебници. Илиевски е автор на делата: „Ведро едро“ (поезија за деца, 1990),
„Концерт за шумите“ (поезија, 1992), „Изворите во горите“ (поезија за деца, 1999), „Зелен блен“ (поезија, 2001), „8X8 by Tode Ilievski – 64 selected problems 1977 – 2002“ (шаховски проблеми, 2002), „Лов на Лебедовото Езеро“ (поезија, 2008), „Приватните библиотеки во Охрид и Охридско“ (лексикон на приватни библиотеки во соавторство со Виолета Мартиновска, 2008), „Липов чај“ (поезија за деца, 2009), „Ќерката на поетот“ (поезија, 2011), „Белиот предел“ (поезија за деца, ПНВ Публикации, 2021)

Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).

Писателот Тоде Илиевски е добитник на следниве награди:

Повелба на Св. Климент (за творештво, 2002), Награда на Празникот на липите (за песна, 2003 и 2006), Награда на фестивалот Славјанска прегратка – Варна (за песна, 2008),  Награда на Издавачката куќа „Феникс“ (за краток расказ, 2008),  Награда „Ванчо Николески“ (за најдобра стихозбирка за деца, 2010).

Почина на 29-ти јануари 2022 година. Во 2023 година Тоде Илиевски постхумно беше прогласен за почесен член на НУ Библиотека „Григор Прличев“. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива