Утре ќе се додели книжевната награда за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“
March 6, 2025

Охрид, 6. март 2025 (ИНПРЕС) – Утре напладне во салата на Општина Охрид ќе се доделат наградите, по повод распишаниот конкурс за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“, во чест на поетот и писател за деца, Тоде Илиевски.

Настанот ќе биде збогатен со рецитал подготвен од песните на Илиевски, во изведба на учениците на ОУ „Св. Климент Охридски“.

Конкурсот е организиран од Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“, кое се труди преку ваквата востановена манифестација, достојно да му оддаде почит на Тоде Илиевски, кој остави трајни вредности, посебно во книжевноста за деца.

Во рамки на настаните од конкурсот за наградата „Тоде“, за најдобра песна за деца, Мерсиха Исмајлоска денеска одржа работилница за креативно пишување за учениците на ОУ „Григор Прличев“. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива