Охрид, 25. март 2025 (ИНПРЕС) – Минимално покачено нивото на водата во Охридското Езеро, но и понатаму е далеку од просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења на УХМР водостојот е на кота од 693,20 м.н.в што е за 29 сантиметри под просекот за овој месец (693,49 м.н.в) и 10 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода, измерена утрово е 9 степени и е за 2,4 степени повисока од просечната.
Последнава седмица се бележи благо покачување на езерскиот водостој за 5 сантиметри, откако претходно речиси еден месец беше на идентична кота (693,15 м.н.в).
Со надеж дека одговорните ќе преземат соодветни мерки и нема да ни се случи „Преспанизација“ на Охридското Езеро, на OhridPress продолжува рубриката „До кај сме“ каде секој ден објавуваме по една фотографија од истата локација од процесот на претворање на охридското „Островче“ во полуостров.
Во Охрид денес променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе се искачи до 15. степени.
– До крајот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд, појава на грмежи и силен ветер (над 60 km/h). Во овој период локално се очекува да наврне поголема количина на дожд (над 60 l/m2), информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ИнПрес фото: Ин/УХМР