Охрид, 3. октомври 2025 (ИНПРЕС) – Горд сум на сѐ што успеавме да реализираме. Нашата работа се гледа во секое поле, што придонесе за поквалитетен живот на сите охриѓани, рече на првата прес конференција во кампањата за претстојните локални избори кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ Кирил Пецаков.
Нашата мисија не завршува тука. Ова е само почеток, а пред нас стојат нови предизвици и уште поголеми цели. Новата изборна програма е плод на темелна анализа, со визија за модерен, дигитален, економски силен и зелен Охрид, кој живее во хармонија со своето езеро и културно наследство, рече Пецаков.
– Во програмата, голем дел од нашата енергија е посветен на изградба на современа општинска инфраструктура. Планираме:
Реконструкција на Кеј „Македонија“ и дел од булеварот „Туристичка“. Изградба на уште една катна гаража и на Младински културен центар. Уредување на кејот во Пештани и на градскиот пазар. Проекти за канализација и патишта во Трпејца, Долно Лакочереј, Орман, Чекоштина и други населени места. Инвестиции во училиштата и детските градинки, вклучувајќи и поставување фотоволтаици за енергетска ефикасност. Ќе го воведеме Охрид во дигитална ера. Ќе ги дигитализираме јавните услуги и ќе ја зголемиме транспарентноста. Ќе воведеме QR-кодови за документи, плаќање такси преку СМС и дигитализација на седниците на советот. Граѓаните ќе може електронски да ги поднесуваат барањата и да го следат статусот на своите предмети. Ќе ја поддржуваме локалната економија со поддршка на малите бизниси и занаетчиството, како и со привлекување странски инвестиции. Ќе формираме локален иновациски фонд за млади претприемачи. Нашата цел е чиста, зелена и енергетски ефикасна општина, за што веќе Советот на општина Охрид ја изгласа физибилити студија, истакна Пецаков.
Потенцира дека ќе продолжат редовните акции за чистење на езерскиот брег, поставување модерни корпи за селекција на отпад и засадување нови дрвја. Ќе се работи на заштита на езерото преку строга контрола на отпадните води и ќе се субвенционираат граѓаните за соларни панели. Во областа на туризмот, Охрид ќе биде промовиран како одржлива и инклузивна дестинација, ќе се изработи Стратегија за туризам 2025-2030, со фокус на еко, културен и авантуристички туризам.
– Културата е срцето на Охрид, па затоа планираме реконструкција на домовите на култура во Љубаништа, Кошишта и Радојца Новичиќ. Ќе ја поддржуваме традицијата, и покрај постоечките Вино фест, Охрид Ватер Фестивал, Џез фестивал, како и Коктел фест, ќе воведуваме и нови настани, како Охридски џез фестивал со интернационална вечер и Фестивал на креативни индустрии, вели Пецаков.
Додаде дека програмата е посветена на сите сограѓани со цел да се направи Охрид уште подобар за живеење. Охрид не смее да застане. Охрид мора да продолжи да се развива. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива