Вкупно 1 341 набљудувачи ќе ги следат локалните избори, ДИК започна со достава на изборниот материјал
October 15, 2025

Скопје, 15. октомври 2025 (ИНПРЕС) – Осмите локални избори што ќе се одржат во недела ќе ги следат 1.341 набљудувачи, од кои 700 домашни и 639 меѓународни, како и двајца странски новинари.

Државната изборна комисија (ДИК) врши достава недоверливиот изборен материјал до сите општински комисии, а утре и задутре ќе се доставува и доверливиот изборен материјал.

– Во четврток ќе бидат доставени избирачките списоци и сите гласачки ливчиња до сите општински изборни комисии, додека в петок ќе бидат доставени уредите за биометриска идентификација од страна на нас, како членови на ДИК заедно со вработените и сите други лица кои се овластени и ангажирани од ДИК до сите општински изборни комисии во државата, рече на последната седница претседателот на комисијата Борис Кондарко.

по објавувањето на првичните неофицијални резултати добиени по електронски пат, кои ќе се објавуваат сукцесивно во живо во текот на изборната вечер, по завршување на гласањето, наредниот ден на 20 во понеделникот, ДИК направила план за прием и достава на оригиналниот изборен доверлив материјал, сите записници од избирачките места и сите записници од утврдувањето на резултатите од гласањето од страна на општинските изборни комисии.

– Во понеделникот од раните утрински часови во определени групи ќе доаѓаат општинските изборни комисии и ќе ги предаваат оригиналните записници овдека во ДИК по што од наша страна ќе биде организирана соодветна проверка. Кон крајот на денот, односно во понеделникот вечерта ДИК ќе ги објави и првичните официјални резултати врз основа на писмените оригинални записници од секое избирачко место и од секоја општинска изборна комисија, истакна Кондарко.

Вкупниот број на гласачи запишани во Избирачкиот список во Македонија за локалните избори 2025 година изнесува 1.832.415 избирачи. Од овие избирачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1.717.803 избирачи, додека 112.000 избирачи се запишани во посебниот Избирачки список за лица на привремена работа или престој во странство, 2.162 избирачи кои се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор и 450 избирачи од домовите за стари лица. На овие избори не се спроведува гласање во дијаспората. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива