„Време е за допир – почни од себе“ настан посветен на превенција од рак на дојка
October 20, 2025

Охрид, 20. октомври 2025 (ИНПРЕС) – Во месецот за превенција од рак на дојка денеска во Охрид ќе се одржи настанот „Време е за допир – почни од себе“.

Зборуваме гласно за важноста од раното откривање на ракот на дојка, велат организаторите од Здружението на лица со дијабет од Охрид.

– Потсетуваме колку е важна превенцијата: превентивните прегледи, самопрегледите и континуираната едукација. Даваме поддршка на жените кои ја извојувале битката и денес таа е минато, но уште повеќе на оние кои денес ја водат војната со болеста. Дојдете ни на овој настан зошто тој ќе биде повеќе од предавање и аплауз на предавачот, додаваат организаторите.

Неколку жени ќе ги споделат своите искуства како се справиле со болеста, периодот што го поминале од откривање па до победа на болеста.

Предвидени се изненадувања за присутните, а ќе има мини лотарија и тивка аукција и донации во розовата кутија за да се помогне и поддржи жена која поминува низ тежок период.

Настанот ќе се одржи во „Порта“ од 17:00 часот. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива