Охрид, 28. јануари 2026 (ИНПРЕС) – Црвен крст Охрид од денеска започнува со уписи за пролетниот циклус на програмата „Полетарче“
Преку неа деца на возраст од 3 до 5 години, преку игра, забава и дружење ќе ја развиваат и јакнат самодовербата, ќе стекнуваат вештини важни за успешно извршување на училишните задачи преку креативни вежби за броење, помнење и концентрација, вежби за размислување, вежби на графомоторика, вежби на фина моторика, вежби за осознавање и разбирање на просторните и временските односи, вежби за говорот и речникот, јазична и математичка писменост, социо-емоционални вежби, вежби за насочување и одржување на вниманието и друго.
– Вежбите се приспособени на возраста на детето и преку нив детето станува свесно за своите способности, се поддржува да не се откажува при правењето грешки и да има храброст да биде креативно. Планирани се и најразлични теренски работилници на кои дечињата ќе го запознаат со многу корисни спортски содржини, со училишното опкружување и снаоѓање во сообраќајот и др. Пролетниот циклус од програмата трае 3 месеци со изведување на вкупно 12 часови,по еден час седмично, во траење од 45 минути, информираат од Црвен крст Охрид.
Сите заинтересирани можат да се информираат и пријават на телефоните 046/261 – 909 или 072/246 – 175, на мејл: ohrid@redcross.org.mk, или во просториите на Црвен крст Охрид, секој работен ден од 08:00 до 15:00 часот. Детални информации за оваа програма, заинтересираните ќе можат да добијат на отворениот ден, во сабота, 31-ви јануари од 09:00 до 10:00 часот во просториите на Црвен крст Охрид. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
