Охрид, 2. јуни 2026 (ИНПРЕС) – Нивото на водата во Охридското Езеро е во константен пораст и е над просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења, нивото на водата е на кота од 693,71 м.н.в, што е за 6 сантиметри над просечното ниво за јуни (693,65 м.н.в) и 61 сантиметар над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в).
Додека во април хидролошката состојба на езерото не беше задоволителна, со постојан пад во водостојот, во текот на мај се бележеше постепено покачување. Па така за еден месец езерското ниво е повисоко за цели 13 сантиметри.
Во Охрид денес променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува засилен до силен ветер од западен правец, кој повремено во западните делови ќе надминува брзина од 60 km/h. Максималната температура ќе се искачи до 23 степени.
– До крајот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно време со сончеви периоди. Во попладневните часови наместа ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд, силен ветер, грмежи и услови за појава на град, особено во четврток и во сабота. Ќе дува умерен до засилен ветер од западен правец, кој утре во западните делови повремено ќе достигнува брзина од 60 km/h, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
