Охрид, 17. јуни 2026 (ИНПРЕС) – Подготовките за 33. „Охрид фест – Охридски трубадури“ се во полн ек, а организаторите објавија и дел од учесниците од македонската и балканската музичка сцена на интернационалната вечер, на 27. август.
На фестивалската сцена ќе настапат легендарните: Владо Калембер и „Сребрени крилја“, Принц од Врање, Дадо Топиќ, Сузана Манчиќ, Наташа Михајловиќ, Валдера, Броз и Марама, дует Моротови, Биба Додева, Ана Петановска… и уште многу домашни и регионални музички имиња. Организаторите засега не ги откриваат сите адути, но најавуваат специјални музички гости чии имиња предизвикуваат огромен интерес низ целиот Балкан.
„Охрид фест – Охридски трубадури“ одамна е многу повеќе од фестивал. Денес претставува не само музичка институција, туку и еден од најсилните културни симболи на градот Охрид.
– Токму затоа ги отвораме вратите за сите охриѓани, но и за бројните туристи кои во тој период ќе престојуваат во градот. Влезот е слободен и сите се добредојдени да бидат дел од оваа музичка приказна. Со целото искуство што го имам и со тимот со кој работиме со години, уверен сум дека нè очекува одличен фестивал исполнет со квалитетни песни, настапи на докажани домашни изведувачи, гости од странство, легенди од екс-ју сцената и многу млади таленти. Посебно ме радува што годинава „Охрид фест – Охридски трубадури“ повторно ќе се емитува во живо на националниот сервис – Македонската радио телевизија, истакна директорот на фестивалот, Григор Копров.
33. Охрид фест – Охридски трубадури ќе се одржи на 26 и 27 август на летната сцена Долни сарај. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
