Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home2/totomk/public_html/new.inpress.mk/wp-content/themes/darknews/single.php on line 43
Атина, 30.јуни 2015 (ИНПРЕС) – Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис изјави дека земјата може да ги искористи сите правни постапки во случај на излез од еврозоната.
„Грчката влада ќе ги искористи сите свои права“, истакна Варуфакис, пренесе Дејли Телеграф.
– Владата во Атина ќе ги консултира сите експерти и ќе размисли да поднесе тужба пред Европскиот суд. Договорите на Европската Унија не предвидуваат никаква правна можност за излегување од еврозоната. Нашето членство во еврозоната не е предмет на преговори, коментира Варуфакис за можен излез на Грција од еврозоната.
Во меѓувреме, премиерот Алексис Ципрас во синоќешното интервју за грчкиот јавен сервис ЕРТ изјави дека европските кредитори не планираат да ја избркаат Грција од еврозоната. „Тие на преговорите сакаа да покажат дека не постои алтернативен пат во политиката и оти треба да се помириме со сиромаштијата“, рече Ципрас.
– Јас не верувам дека тие сакаат да нé исфрлат од еврозоната, и тие нема да го сторат тоа. Банкротирањето на која и да е земја од еврозоната ќе биде платено со висока цена од целата еврозона, рече Ципрас.
Според толкувањето на Ципрас, целта не европските преговарачи била Грција целосно да биде опфатена со договорот, според кој кредиторите ќе ја одредуваат сета политика на земјата.
Владата на Грција се подготвува за референдумот во недела, а во исто време бара решение, соопшти синоќа официјална Атина.
Според владини извори, Грција добила порака од претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во која тој повикал на прифаќање на договорот со кредиторите и побарал премиерот Алексис Ципрас да го повика грчкиот народ да гласа со „Да“.
Меѓутоа, истите владини извори велат дека грчката Влада се подготвува за гласање, слуша се што е кажано и напишано со интерес и работи на постигнување решение, но Ципрас во недела ќе гласа против предлогот со „не“.
Продлабочувањето на грчката криза го почувствуваа и светските берзи. Берзите од Њујорк до Токио бележат пад за неколку проценти пред истекот на последниот рок за Грција да му исплати на Меѓународниот монетарен фонд дел од долгот во вредност од милијарда и 700 милиони долари.(Крај)
извор:Капитал фото:Инпрес
