Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home2/totomk/public_html/new.inpress.mk/wp-content/themes/darknews/single.php on line 43
Белград, 12.јули 2015 (ИНПРЕ) – Српскиот премиер Александар Вучиќ е убеден дека нападот врз него за време на церемонијата по повод 20 години од масакрот во босанскиот град Сребреница беше планиран.
– Станува збор за однапред организиран напад. Лицата кои го планирале, треба да се засрамат, рече Вучиќ пред медиумите.
Вучиќ рече дека бил погоден со камен, но не е повреден. Тој беше каменуван и исвиркан на крајот на комеморацијата во Сребреница, каде пред точно 20 години армијата на босанските Срби предводена од генерал Ратко Младиќ уби над 9.000 луѓе. Обезбедувањето се обиде да отвори чадор за да го заштити, но тој одби и продолжи да минува покрај луѓето.
Министерство за надворешни работи во Белград го опиша инцидентот како обид за атентат врз премиерот и повика за осудата на овој чин од страна на Босна и Херцеговина. “Сакаме босанските власти јавно да го осудат обидот за атентат врз српскиот премиер”, наведува српското Министерство во протестна нота до босанското Министерство за надворешни работи.
Босна вчера одбележа дваесет години од геноцидот во Сребреница. Остатоците на 136 неодамна идентификувани жртви беа погребани во меморијалниот центар “Поточари” до остатоците на други над 6.000 муслимани, убиени во 1995 година.
Над 50 000 луѓе присуствуваа на церемонијата.
За време на војната илјадници муслимански мажи и момчиња беа убиени од босанските Срби, откако тие ја презедоа контролата врз Сребреница. Тоа е најголемото убиство на европска почва од Втората светска војна наваму.
И двајцата босански српски лидери – генарал Ратко Младиќ и Радован Караџиќ се наоѓаат во притвор на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во Хаг. Тие се обвинети за воени злосторства и геноцид за време на тригодишната војна /1992-1995г./ во Босна и Херцеговина.(Крај)
извор:Локално фото:архива
