Паскали: Секој момент е идеален за правење подводни фотографии

Охрид, 19. август 2016 (ИНПРЕС) – Охридското дно е вистинското место за сите оние кои сакаат стопроцентна авантура, но големото водено пространство укажува секогаш на фактот дека човекот е сепак скротител, но не и оној кој ја поседува природата, е мислење на младиот охриѓанец Никола Паскали, експерт за подводна археологија.

Нуркачките вештини се неговото најсилно оружје, а сето она на кое „налетува“ за време на честите нуркања, ја оправдува неговата пасија, подводната фотографија. Член е на Bottom Time од Охрид, а заедно со неговите пријатели и колеги Александар Булевски и Климчо Ангелоски, често прават фотографии под Охридското Езеро, како и сè она што го нуди околината. Нивните дела досега биле претставени на изложба во Куќата на Робевци во 2012 година.

Никола Паскали покрај неговата професионална ориентација за нуркање и подводна археологија, учествувал на голем број на акции и тимски проекти како волонтер.

Паскали за Инпрес во интервју раскажува за дел од големите подводни авантури во Охридското Езеро, но и сите објективни и субјективни предизвици, со кои треба да се носи поединецот додека е во „дуел“ со природата и Охридското Езеро.

Инпрес: Дали езерското дно повеќе е извор на адреналин, или на стравопочит?

Паскали: За мене и двете. Езерското дно ми е извор на адреналин и кон него имам голема стравопочит, но воедно и средина во која се опуштам и уживам.

nikolapaskali2

Инпрес: Какви евентуални потешкотии или проблеми можат да се појават при нуркање и истражување на дното на Охридското Езеро?

Паскали: Ако не се почитуваат пропишаните правила и норми за време на нуркањето, секако дека може да дојде до проблеми и незгоди, кои можат да нѝ го загрозат животот. Еден нуркач ако не ги почитува правилата може да добие декомпресиона болест која е поделена на повеќе типови во зависност од заболувањето. Исто така може да заболи од дишење на гасови под притисок, такви болести се пијанство на големи длабочини или наркотично дејство на азотот – азотна наркоза, труење од кислород или кислородна епилепсија и многу други. Можат да настанат проблеми и со нуркачката опремата, од нередовен сервис и неадекватно чување. Сето ова може да се избегне со строго придржување на правилата, редовни здравствени прегледи кај доктор специјалист за подводна медицина, редовно сервисирање на нуркачката опрема и почит кон средината во која нуркаме, зошто ние сме таму гости.

Инпрес: Кој дел од денот е најпогоден за правење на ексклузивни подводни фотографии?

Паскали: Во секој дел од денот можат да се направат ексклузивни фотографии, тоа зависи само од идеата и креативноста на авторот.

Инпрес: Колку време оптимално е потребно за да еден вљубеник во подводните активности, од аматер, да се дообучи во професионалец?

Паскали: За еден вљубеник во подводните активности од аматер да се дообучи во професионалец е потребно да заврши повеќе нуркачки обуки и да има направено повеќе од 100 нуркања.

nikolapaskali3

Инпрес: Кој дел од обуката е најтежок/најинтересен/најнапорен?

Паскали: Мене најтешка, најинтересна и најнапорна обуката ми беше во Хрватска за време на напредниот курс за подводна археологија кој го организираше Интернационалниот Центар за Подводна Археологија во Задар. Таму за време на обуката имавме теоретски и практичен дел кој траеше 15 дена. Интересен беше практичниот дел, кој опфаќаше работа на еден римски бродолом кој транспортирал околу 4000 амфори. За време на овие истражувања бевме „поздравени“ од неколку морски бури, со што се покажа како најтешка обука.

Инпрес: Нуркачи од познатиот нуркачки клуб од Охрид Bottom Time учествуваа во снимањето на филмот “Деца на сонцето” во режија на Антонио Митриќески. Кои се вашите спомени и импресии од тоа искуство?

Паскали: Во 2013 година бевме ангажирани за снимањето на филмот “Деца на сонцето” во режија на Антонио Митриќески. Ова е првиот македонски нуркачки филм, а екипата на Bottom Time влезе во историјата на македонскиот филм со тоа што први снимале подводни сцени со нуркачи за македонски филм. Бевме ангажирани за безбедноста на актерите и целата филмска екипа, бидејки голем дел од сцените беа снимени во вода, а исто така јас бев дублер на Владо Јовановски во подводните сцени. Тоа беше несекојдневно и многу драгоцено искуство. Оваа година бев ангажиран и за снимањето на американскиот филм „Паднати ангели“ во режија на Али Замани во продукција на „Аз филмс“.

nikolapaskali4

Инпрес: Дали може да издвоите некоја најубава природна убавина на која сте налетале при нуркањето во Охридското Езеро?

Паскали: Искрено не би можел да издвојам некоја нуркачка локација, ги има многу, од прекрасни природни предели до ендемични видови на жив свет во длабичините, потонати бродови, извори и археолошки локалитети. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива/Паскали