Охрид, 27. декември 2016 (ИНПРЕС) – Неодамна охридското Супер радио ја пренесе животната сторија за триесет и едногодишна жена, која е родена во Охрид, а посвоена во Скопје, и е во потрага по својата биолошка мајка.
Младата жена вели дека откако почнала да ја води битката, до неа допреле неколку верзии за нејзината животна приказна.
Со цел да ѝ овозможиме на охриѓанката лично и отворено да ја раскаже својата несреќна животна приказна, сторијата ја пренесуваме во вид на интервју.
Инпрес: Откако почнавте да ја водите битката за да ја дознаете Вашата биолошка мајка, до Вас досега допреле неколку верзии за Вашата животна приказна. Кои се последните информации кои Ве водат можеби најблиску до вистината?
– Потрагата по биолошката мајка ја имам започнато пред 10 години но немаше успех, затоа решив дека можеби треба и јавно да почнам да пишувам за мојов проблем. Јас сум посвоена дирекно од болница, тоа го знаев отсекогаш но со информации по народен пат дознав дека тој период имало мајка на која ѝ починало бебето, а никој не слушнал за мајка која остава бебе. Тогаш проверив во социјално- немаат досие за моето посвојување и веќе ми беше јасно дека нешто не е во ред. Според овие информации сакам да ја најдам жената со „починато бебе”, бебето кое се задуши!!! Дали е тоа мојата мајка?? Тоа се последни информации кои ги имам само не знам која е жената???
Инпрес: Не може да се опише чувството, кога една единка ќе слушне верзија дека на денот кога била родена, била заведена како задушено новороденче. Овие сознанија доста го смениле текот на она што предходно сте го знаеле донекаде за себе. Како продолжувате понатаму со потрагата за својот идентитет?
– Многу тешко е да дознаеш дека си жив а всушност вистинската јас „поцинала”. Искрено не можам или пак не сакам сеуште да поверувам дека тоа ми се случило мене, мислев тоа постои само во шпанските сапуници, а не во реален живот и не токму јас!! Продолжувам со сите сили по народен пат, со апели за помош, не можам да се откажам, премногу силни се чуствата за вистината. Така да, пак ќе ги замолам охриѓанки кои се породиле тој период ако се сеќаваат која е мајката со задушеното „мртво” бебе, да ме контактираат.
Инпрес: Потенцирате дека сакате со народна помош да дојдете до вистината за себеси. Затоа во неколку наврати ги замоливте охриѓани да ве контактираат за било какви информации. Дали ја откривате Вашата животна сторија и за јавноста од другите градови од републикава?
– Морам да признаам дека благодарение на Охриѓани со големо срце, дојдов и до овие информации. Точно, сум помислила дека имало и други луѓе покрај докторот од охридска болница, тоа било разработена шема во која сигурно има вмешано и социјални работници и матични служби и од останати градови. Не само за мене, јас не сум единствена со овој случај. Имаат веќе и докажано случај од истава болница, девојка прогласена „мртва, е дадена на посвојување во Австралија, родителите ја пронашле! Јас сум само една од нив која случајно откри дека е „почината”, другите за жал сеуште веруваат дека се оставени. Не чуствувам потреба за да ги истражувам другите градови, мојата вистина е токму во Охрид.
Инпрес: Уште еднаш Ви се извинуваме за суптилноста на прашањата. Кога прв пат дознавте од родителите кои Ве одгледале, дека всушност не сте нивна ќерка?
– Дека сум посвоена знам од 10 години, тогаш ми кажаа моите родители. Сè што знаеја, т.е. сè што виделе и сè што им било кажано. Сами ми кажаа дека сум родена во Охрид но дека сум оставена таму од мајката, тоа го знаат тие и им верувам 100%. Затоа и е тешка приказнава, камо да имав еден сомнеж дека нешто ме излажаа и тие се излажани…. Но тоа е веќе друга тема…
Инпрес: Со какви мисли живеете моментално? Што размислувате за иднината за Вас и за Вашите блиски?
– Јас имам семејстово и јас сум мајка. Зар треба да го растам моето дете плашејќи се не дај Боже од инцест, зар треба да прави днк со секоја девојка со која ќе се забавува кога ќе порасне? А каде е тука медицински аспект на историја на болести која кога и да отидам на лекар кревам раменици?! За жал законот во РМ е таков страшен, не нѝ дозволува да знаеме кои сме. Секаде во светот и во сеседни земји има закон со кој секое посвоено дете по навршување на 15 години има право да си го знае биолошкото потекло. Додуша во мојов случај ни тоа не помага, јас сум во „умрените”, затоа мора да барам народна помош, бидејќи не сум спремна да му судам на докторот од болницата, оставам на Господ тој нека му суди. А јас ќе молам и понатака ко просјак до вистината!
Инпрес: Дали сте во контакт можеби, со личности, кои делат иста или слична судбина како Вашата?
– Да, сум во контакт со многу луѓе кои се посвоени, дел од нив знаат дека се од дом, дел се како јас исто од болница и тие се прашуваат дали се оставени или „починати” бебиња. Еве конкретно од Охрид има девојка која е родена на 14.05.1985 година, со тежина од само 1 800 грама, која можела да „почине”, нели? И таа е во потрага како мене, на ист начин е земена исто од болница од Охрид. Нели е малку сомнително истата година во април има дечко кој е посвоен од таму дирекно, девојката во мај, јас во јули? Како само во Охрид мајки оставаа деца? Исто запознав мајка на која пред 23 години ѝ се родиле близначиња кои за жал двете „починале”, мајката не верувала никогаш во тоа и водела истрага. Доаѓа до информации кај е ќерка ѝ, но ќерката не знае ни дека е посвоена. Многу охриѓанки ми се јавија со ваков проблем претежно со близнаци, „починато” едно од нив. Затоа и апелирав сите мајки кои имале ваков случај да ме контактираат да ја видиме бројката која верувам дека е многу голема, за жал, но некои од нив верувам ако бидат упорни ќе ја дознаат вистината за нивните „починати бебиња”.
(Сите граѓани, кои имаат било каква информација во врска со овој случај, можат да ја контактираат редакцијата на Инпрес. Секоја помош или насока е добредојдена за да се помогне младата жена.) (Крај)
извор: Инпрес фото: архива