Охрид ЅОЅ и Општина Охрид со различни гледишта за градењето хотел во Лагадин

Охрид, 9. март 2017 (ИНПРЕС) – Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ и охридската локална самоуправа се разединуваат во ставовите околу градењето хотелски комплекс во населбата Лагадин.

По неколкумесечна битка за поништување на одобрението за градба на незаконскиот хотел во Лагадин, кој лажно се претставуваше како објект во сопственост на ТУИ Холандија, Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ успеа да ја извојува првата победа, соопштуваат од иницијативата.

Велат дека Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) им доставило известување во кое се наведува дека бара од Општина Охрид да го поништи незаконски издаденото одобрение за градба.

– Во меѓувреме, известување стигна и од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во кое се вели дека општината го усвоила Општиот акт за Лагадин прекршувајќи ја својата законска обврска да спроведе оцена на влијание врз животната средина, стои во соопштението на Охрид ЅОЅ.

Од Општина Охрид пак на ова возвраќаат дека целокупната постапка за донесување на Општиот акт за Лагадин и издавањето на одобрението за градба на хотелскиот комплекс се водени во согласност со законски пропишаната процедура предвидена во Законот за градење и во Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Оттаму велат дека на прес конференција, одржана при крајот на минатата година, на јавноста и беа презентирани сите документи кои се составен дел од постапката. (Крај)

извор: Инпрес  фото: архива