На 25-ти март стартува летното сметање на времето

Скопје, 22. март 2018 (ИНПРЕС) – На 60-та седница на Владата на Република Македонија, одржана на 20-ти март, Владата ја донесе Одлуката за денот и моментот на воведувањето и денот и моментот на завршувањето на летното сметање на времето за 2018 година.

Според одлуката, летното сметање на времето во 2018 година започнува на 25-ти март во 02 h 00 min 00 s така што со поместување за еден час нанапред времето во 02 h 00 min 00 s се смета како 03 h 00 min 00 s.

Летното сметање на времето во 2018 година завршува на 28-ми октомври во 03 h  00 min 00 s, така што со поместување за еден час наназад времето во 03 h 00 min 00 s се смета како 02 h 00 min 00 s.

– Оваа Одлука е во согласност со член 5 од Директивата 2000/84/ЕС OJ: JOL2001031R002101 на Европскиот парламент и на Советот од 19.01.2001 година за договорите за планот за летното сметање и Информацијата на Европската Комисија во сообразност со член 4 од Директивата, објавена во Службениот весник на ЕУ бр. C 61, 17.2.2016 година. Донесувањето на оваа одлука придонесува кон следење на долгорочната економска политика на Република Македонија за асоцирање кон Европската Унија, како и водење сметка за непречено функционирање на одредени сектори не само за транспорт и врски туку и други сектори од индустријата кои бараат стабилно и долгорочно планирање, информираат од Владата на Република Македонија. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива